
Македонија и понатаму се соочува со значителен ризик од туберкулоза, а нови случаи на заболувањето се регистрираат секоја година. Во моментов, според податоците изнесени од проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, хоспитализирани се 95 возрасни пациенти, додека три деца се лекуваат на Универзитетската клиника за детски болести „Козле“.

Гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Грозданова предупреди дека Македонија сè уште се вбројува меѓу земјите со повисок ризик од туберкулоза, за разлика од Хрватска, која според неа е поблиску до категоријата земји со низок ризик.
Повикувајќи се на податоци од Институтот за туберкулоза, таа посочи дека од почетокот на 2026 година се регистрирани 83 случаи кај возрасни, додека вкупно 95 пациенти во моментот се хоспитализирани.
„Секоја година ние имаме нови случаи. Не почнува да опаѓа, туку има нови случаи“, изјави Грозданова.
Загрижувачки се и податоците за детската популација. Според информациите од Клиниката „Козле“, во текот на 2025 година биле регистрирани 15 деца со туберкулоза, додека во 2026 година досега се евидентирани 12 случаи. Во моментов три деца се на болничко лекување.
Грозданова потсети дека пред неколку години во земјава била регистрирана и помала епидемија на туберкулоза, што, според неа, покажува дека болеста и понатаму претставува реален здравствен предизвик.
Таа објасни дека ризикот од туберкулоза во Македонија има значење и за граѓаните кои патуваат или заминуваат на студии во странство, бидејќи одредени земји и институции бараат потврда за вакцинација или дополнително тестирање.
Осврнувајќи се на повторното појавување на заразни заболувања, Грозданова ја спомена и епидемијата на пертусис, односно магарешка кашлица, во периодот 2024–2025 година.
„Помладите доктори прв пат во живо слушнаа како звучи магарешка кашлица, пертусис“, рече таа, објаснувајќи дека дел од помладите здравствени работници претходно немале можност во својата професионална практика да се сретнат со ова заболување.
Според Грозданова, причината за повторното ширење на пертусисот не била појавата на нов вирус или нова вакцина, туку намалениот опфат со имунизација.
„Не стануваше збор за нова болест, ниту за нова вакцина. Стануваше збор само за намалување на опфатот“, нагласи таа.
Претседателката на Комисијата за имунизација предупреди и на ризикот од повторно внесување на полиовирусот. Иако Македонија и Западна Европа го имаат елиминирано дивиот полиовирус, тој сè уште циркулира во одредени делови од светот, меѓу кои Авганистан и Пакистан.
Зголемената мобилност на населението, патувањата и миграцијата, според Грозданова, дополнително ја нагласуваат потребата од континуирана превенција и висок опфат со вакцинација.
Таа порача дека здравствената едукација мора да започне уште од најрана возраст, во градинките и училиштата, преку стекнување основни хигиенски навики, но и разбирање на значењето на вакцините и заштитата од заразни болести.
„Патогените циркулираат и неслучајно вакцинираме против тие болести“, истакна Грозданова.
Според неа, за успешна заштита на населението неопходни се континуирана едукација, навремена вакцинација и стабилен здравствен систем кој ќе може ефикасно да одговори на ризиците од заразни заболувања.

