
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, по денешната средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова во Софија, изјави дека разговорите биле конструктивни и се одвивале во позитивна атмосфера, но дека позициите на двете земји и натаму остануваат значително оддалечени.

Средбата се одржа на маргините на Меѓународната конференција за Коридорот VIII, а во фокусот на разговорите биле билатералните односи, европската интеграција на Македонија и можностите за продолжување на политичкиот дијалог.
Муцунски посочи дека меѓу Скопје и Софија постои висок степен на недоверба, особено кога станува збор за предвидливоста на евроинтегративниот процес и досегашното искуство на Македонија со билатералните условувања.
„Нашите позиции се апсолутно јасни. Стратешки интерес и на Бугарија е ние да се движиме напред по европскиот пат. Но, ние сме земја која низ годините постојано се соочувала со билатерални барања. Кога ќе се затворело едно билатерално прашање, потоа се отворало ново“, истакна Муцунски.
Според него, токму ваквото искуство е една од причините за недовербата во процесот, поради што македонската страна инсистира на поголема предвидливост во следните фази од европската интеграција.
Шефот на македонската дипломатија нагласи дека прашањата поврзани со националниот идентитет, историјата и културата не треба да бидат пречка за напредувањето на земјата кон Европската Унија.
И покрај разликите, на средбата била потврдена подготвеноста за продолжување на комуникацијата меѓу двете држави.
Муцунски оцени дека дијалогот е неопходен за надминување на отворените прашања, но истовремено предупреди дека самото одржување средби не значи и автоматско приближување на позициите.
Според информациите од средбата, двете страни се согласиле комуникацијата да продолжи и во наредниот период, иако засега нема најавено конкретно решение за разликите околу евроинтегративниот процес.
Средбата во Софија доаѓа во период кога Бугарија продолжува да инсистира на исполнување на обврските од договорениот европски компромис од 2022 година, вклучително и уставните измени, додека македонската страна го отвора прашањето за довербата и предвидливоста на процесот.

