Search

Претставен „План за чист воздух”, за почеток посебен фонд од 1,5 милион евра

Претставен „План за чист воздух”, за почеток посебен фонд од 1,5 милион евра

За две години загадувањето на воздухот во Скопје да се намали за 50 отсто, а во другите градови во државата помеѓу 30 и 50 проценти, и да не остане ниту едно домаќинство што ќе се грее на јаглен, нафта или кокс. Тоа го предвидува Програмата со двегодишниот „План за чист воздух” на Владата, која соопшти дека борбата со аерозагадувањето ќе биде стратешки приоритет во 2019 година.

Првпат е обезбеден и посебен буџетски фонд за првичните активности, 98 милиони денари (1,5 милион евра), но на располагање се и околу 20 милиони евра од одредени ставки од буџетите на неколку министерства. За остварување на мерките од обмениот план, кој денеска го презентираше заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, ќе има и поддршка од меѓународни финансиски организации за што до крајот на годинава ќе се организира донаторска конференција.

– Основно начело за реализирање на стратешката програма е справување со изворите на загадување. Во „Планот за чист воздух” има неколку приоритетни компонентни – мониторинг, инспекции, јавни кампањи, законски измени и справување со изворите на загадување – домашното затоплување, траснпорт, индустрија, градежништво, урбано зеленило и отпад, рече Макрадули на презентацијата на планот. Смета дека е амбициозен, но е остварлив зашто целите се темелат на реални бројки и мерки.

Според анализите, загадувачи број еден и два се затоплувањето и транспортот и затоа ќе се почне со промена на нееколошки извори на затоплување во јавни установи, пред сè  градинки, училишта и здравствени домови.

– Дваесет илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15.000 домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 ќе бидат приклучени на гас, 20.000 ќе користат инвентор клима-уреди за затоплување, две илјади домаќинства од социјално ранливите категории субвенционирано ќе го променат начинот на греење. После две години нема да има ни едно што ќе се грее на јаглен, нафта или кокс. После овој двегодишен план, 10.000 домаќинства ќе бидат приклучени на постојниот топлински оператор. Топловодната мрежа ќе биде проширена, а бргу очекувам да донесеме и одлука ДДВ-то за испорачана топлинска енергија да го намалиме од 18 на 5 порценти за дополнително стимулирање на вклучувањето, рече Макрадули.

Во транспортот, покрај предложените измени на Законот за возила за категоризација и  еконалепници, како и различните субвенции за набавка на еколошки возила, ќе се воведе посебен зимски режим на сообраќај во деновите кога концентрацијата на загадувачките честички е повисока. Тоа значи контролиран сообраќај во центарот, со претходно обезбедени алтернативни решенија, пред сè паркинзи и јавен превоз. Пилот-училишни автобуси, забрана за сообраќај на возила за градежништво во период на загадување двојно поголемо од дозволеното, стимулирање на велосипедскиот сообраќај… се меѓу мерките од Планот.

Во делот на индустријата, рече Макрадули, клучно ќе биде донесувањето на законот за индустриски емисии каде што се дефинираат построги правила, одобрување на добивањето на интегрираните еколошки дозволи, ќе има потранспарентен мониторинг. До донесување на законот, ќе бидат зајакнати контроли во капацитетите со А-дозвола и на малите компании со Б-дозволи.

Ќе се засили мониторингот и уште на почетокот на 2019 ќе се набават комплетно нови инструменти за сите постојни 18 станици за мерење на квалитетот на воздухот.

Итно ќе се реализира планот за зазеленување со средства од компензацијата за изградба  на гасоводот на Водно, стимулирање изградба на зелени покриви, редизајнирање на  јавни запуштени во зелени површини… Обврска ќе биде и контролата каде се остава градежниот шут од објекти кои се градат. Исклучително важна компонента е и менаџирањето и третирањето на отпадот. па меѓу мерките во тој дел е поставување мрежа на Вардар зашто позитивни резултати има од Треска во Македонски Брод пред влевањето во Козјак. На граѓаните ќе и бидат достапни апликации за депонирање отпад и ќе ги имаат на увид сите компании што имаат легална важечка А или Б дозвола за работа. Ќе се користат и сателитски снимки за идентификација на сопствениците на стрништата што се палат. Ќе се зголеми и бројот на инспектори и ќе биде воведена втора смена и дежурства.

Треба да знаете
Последни објави