
Во светот повторно расте интересот за рударството. САД проценуваат дека во следната деценија ќе им бидат потребни околу 6.000 нови рударски инженери, додека Европа веќе инвестира во обука на кадри за експлоатација на критични минерали.
Причината е јасна – критичните минерали стануваат неопходни за модерната економија, енергетиката и технологијата, а државите сакаат да обезбедат поголема контрола врз сопствените синџири на снабдување.
Американското Министерство за енергетика, покрај инвестициите во рударството и преработката, посебно внимание посветува на развојот на работната сила.
Одри Робертсон, помошник-секретар на САД за енергетика и критични минерали, посочува дека иднината на земјата зависи и од способноста да ги контролира синџирите на снабдување со критични суровини.
Во Македонија, пак, се соочуваме со спротивен тренд. Интересот за рударските професии е намален, иако земјата сè уште има квалификувани кадри.
Професорот Ѓорѓи Димов, декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, неодамна посочи дека кадри постојат, и покрај намалениот интерес за професијата.
Оттука се наметнува едно едноставно прашање: Ако имаме кадри, каде ќе го применат нивното знаење?
Одговорот може да биде во развојот на нови рударски инвестиции и активирањето на напредните проекти во земјата.
Еден од нив е „Иловица-Штука“, напреден проект за бакар и злато, кој би можел да создаде потреба од инженери, геолози, техничари и други стручни профили.
Во време кога САД и Европа активно инвестираат во рударството и човечкиот капитал, Македонија има можност да го задржи знаењето што го има и да создаде услови тоа да се претвори во работни места, инвестиции и економски развој.
„Намален ни е интересот за учење во рударските и геолошки училишта или високообразовни институции коишто се бават со рударството, геологијата и заштитата на животната средина, меѓутоа се уште постојат активни студиски програми и се уште продуцираме рударски инженери, геолози и инженери за заштита на животна средина“, истакна Димов.
Во меѓувреме, последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека бројот на работниците во август 2026 година, во однос на август 2025 година, во секторот „рударство и вадење камен“ се намалил за 8.0%. Ова се должи и на фактот дека во Македонија не е отворен нов рудник во изминатите четириесет години. Единствена сериозна најава останува проектот за ископ на бакар „Иловица-Штука“. Инвеститорот најави дека проектот би бил најголема гринфилд инвестиција во земјава, која ќе обезбеди над 500 директни и 2.700 индиректни вработувања, а предност во вработувањата ќе има локалното население. За функционирањето на проектот потребни би биле рударски инженери, машински и електро инженери, геолози, металурзи, геодети, техничари, економисти и правници во администрацијата, оператори на машини, монтери, механичари, електричари, заварувачи, хемичари, сметководители, магационери, чувари, возачи, медицински персонал итн.
Инаку, во текот на изминатата година, во САД дипломирале околу 160 рударски инженери, наспроти околу 3.000 во Кина – податок со кој помошникот-секретар Робертсон го илустрираше обемот на недостигот од стручен кадар со кој се соочува Вашингтон додека се обидува да го прошири домашното рударство и преработката на руди.
„Во изминатите 30 години го препуштавме управувањето со синџирот на снабдување на надворешни партнери, а со тоа изгубивме и една генерација на таленти и знаење. Располагаме со извонредни таленти на нашите универзитети и се надеваме дека, преку партнерство со одличните образовни институции низ земјата што го обезбедуваат ова образование, брзо ќе ја промениме таа состојба. Изгубивме цела генерација на работна сила во оваа област. За да ја вратиме таа работна сила, ќе бидат потребни решителни мерки и можности, а се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде еден од многуте начини за поттикнување на растот“, изјави Робертсон.
Таа додаде дека Министерството за енергетика работи да им прикаже на локалните заедници колку индустријата е променета и дека новите технологии ја заштитуваат животната средина. Робертсон изрази надеж дека локалните заедници ширум САД ќе ја прифатат идејата дека „за да бидеме светски лидери и да обезбедиме иднина за нашите деца овде, не смееме да ја префрламе целата технологија за преработка во странство“.


