Поднесување на годишна даночна пријава до 15 март
Поднесувањето на годишна даночна пријава се врши до 15 март, информираа денес од Управата за јавни приходи (УЈП).
Од УЈП потсетуваат дека е задолжително да се поднесе годишна даночна пријава (ПДД-ГДП) доколку во 2017 година сте оствариле: приходи во земјата и од странство по основ на: награди, бонуси и други надоместоци од работен однос; кирии (издавање на имот – закуп или подзакуп); авторски права и права од индустриска сопственост; дивиденди, учество во добивката и камати по заеми дадени на физички и правни лица; капитални добивки од продажба на учество во капитал и недвижен имот; добивки од лотариски игри на среќа, електронски игри на среќа, наградни игри и интерактивни игри на среќа, во износ поголем од 5.000 денари (по поединечна добивка); приходи од игри на среќа преку специјализирани странски интернет страници; приходи од интернет (пр. е-трговија, услуги извршени преку специјализирани страни, поставување на реклами на сопствени интернет страни, прогнози – дојави на типови за спортски натпревари); лични примања од странство за активности поврзани со работењето во Република Македонија; работно ангажирање во амбасада, во меѓународна организација…; и други дополнителни видови на приходи, надвор од вашата редовна плата или пензија.
Годишната даночна пријава (ПДД-ГДП) преземете ја преку веб страницата ujp.gov.mk и поднесете ја во даночните шалтери, преку пошта или електронски преку etax-fl.ujp.gov.mk
Со цел навремено прилагодување на новиот начин на пријавување, пресметување и плаќање на персоналниот данок на доход од УЈП препорачуват секој граѓанин да се регистрира на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk