Skip to main content
Свет

Во Аргентина стапката на сиромаштија достигна 32,3 отсто во првата половина од 2026 година

25/09/2026  13:54

Стапката на сиромаштија во Аргентина достигна 32,3 отсто, а екстремната сиромаштија 7,5 отсто во првата половина од 2026 година, бидејќи приходите на домаќинствата не биле доволни за покривање на зголемените трошоци за основните производи.

Националниот институт за статистика и пописи (ИНДЕК) објави дека во периодот меѓу јануари и јуни сиромаштијата погодила 9,7 милиони луѓе во 2,5 милиони домаќинства. Поради екстремната сиромаштија, 2,25 милиони луѓе во 575.000 домаќинства не биле во можност да ги покријат ниту основните потреби за храна.

Националното статистичко биро објави дека стапката на сиромаштија меѓу населението се зголемила за 4,1 процентен поен во споредба со втората половина од 2025 година, додека стапката на екстремна сиромаштија кај населението пораснала за 1,2 процентни поени во истиот период.

Податоците покажаа дека 44,5 отсто од децата на возраст до 14 години живееле во сиромаштија, додека 10,8 отсто од нив биле погодени од екстремна сиромаштија.

Просечниот приход по член на семејството се зголемил за 11,5 отсто во првите шест месеци од годината. Во истиот период, просечната регионална цена на основната храмбена кошница се зголемила за 21,4 отсто, додека вкупната цена на основната потрошувачка кошница пораснала за 19,6 отсто.

Сиромашните домаќинства имале просечен вкупен семеен приход од 922.755 пезоси (околу 600 долари), додека просечната цена на нивната вкупна основна кошничка достигнала 1,44 милиони пезоси (околу 950 долари). Домаќинствата во екстремна сиромаштија, пак, имале просечен приход од 442.443 пезоси (околу 290 долари), наспроти просечната цена на основната храмбена кошничка од 669.098 пезоси (околу 440 долари).