
Државниот завод за ревизија утврдил сериозни неправилности и слабости во работењето на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), поради што за финансиските извештаи за 2024 година е изразено неповолно мислење, додека за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики е дадено мислење со резерва.

Ревизорите посочуваат на недостиг од инспектори, непополнети раководни позиции, проблеми при распоредувањето на вработени, невоспоставени електронски регистри, нецелосна материјална евиденција и ризици при чувањето на одземените предмети.
Во текот на 2024 година ДПИ извршил вкупно 28.263 инспекциски надзори. Од нив, 21.108 биле редовни, 5.106 вонредни, а 2.049 контролни надзори.
Сепак, сите овие контроли ги спроведувале само 148 инспектори. Тоа претставува 47 проценти од вкупно 313 систематизирани работни места за инспектори.
Според ревизијата, недоволниот број инспектори и тенденцијата за нивно намалување директно влијаат врз можноста ДПИ да ги реализира планираните контролни активности и законските надлежности. Дополнителен проблем е што пет одделенија функционирале без раководител.
Ревизорите констатирале неправилности и при распоредувањето на административните службеници на инспекторски позиции.
Во периодот од јануари до октомври 2024 година биле донесени 19 решенија за распоредување, иако за тоа немало обезбедени средства во буџетот на ДПИ, а распоредувањата не биле предвидени ниту во Годишниот план за вработување за 2024 година. Во декември истата година 17 од овие решенија биле поништени, а вработените биле вратени на претходните работни места.
Сериозни слабости се утврдени и во дигитализацијата на инспекцискиот надзор. Регистрите и информацискиот систем за управување со инспекцискиот надзор сè уште не биле воспоставени, додека апликацијата „Е-инспектор“ не била ставена во целосна употреба.
ДПИ, според ревизијата, нема единствена и целосна електронска база на податоци со вградена методологија за проценка на ризик. Ваквата состојба го отежнува планирањето на контролите според степенот на ризик, но и следењето и управувањето со реализацијата на инспекциските надзори.
Утврдена е и нецелосна евиденција на документите создадени и обезбедени во текот на инспекциските контроли, како и несоодветно следење на законските измени и ажурирање на листите за проверка.
Посебно внимание ревизорите посветуваат на Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производи. Од предвидени 14 работни места, на крајот на 2024 година биле пополнети само пет.
Во периодот од 2022 до 2025 година, примероци од одредени производи биле испраќани на лабораториски анализи во акредитирани лаборатории во странство. Финансирањето било обезбедувано преку меѓународни проекти.
Како резултат на лабораториските испитувања за квалитет и безбедност, во периодот 2022–2025 година од пазарот биле повлечени 40 производи.
Но ревизијата предупредува дека продолжувањето на ваквите контроли е неизвесно по завршувањето на проектната поддршка, бидејќи ДПИ располага со ограничени буџетски средства за континуирано лабораториско испитување на потенцијално небезбедни производи во странство.
Проблем е утврден и со одземените предмети. ДПИ нема сопствени објекти во кои тие би се чувале од моментот на одземање до нивното предавање во Агенцијата за управување со одземен имот.
Ревизорите предупредуваат дека, бидејќи одземањето предмети претставува редовна практика во работата на инспекторите, недостатокот на соодветни простории создава ризик од несоодветно чување и постапување, субјективно постапување, но и можни загуби кои би можеле да имаат финансиски последици за институцијата.
Неправилности се утврдени и во финансиското и материјалното работење.
Пописот на средствата и обврските не бил целосно спроведен. Во него не биле опфатени градежните објекти и нематеријалните средства, а за утврдените кусоци и вишоци не биле дадени предлози за понатамошно постапување.
За опрема која била украдена во текот на 2025 година, на ревизорите не им била приложена документација од надлежен орган со која би се потврдил настанот.
По преземањето на ДПИ во состав на Министерството за економија и труд, во февруари 2025 година било предвидено спроведување вонреден попис на средствата, но до денот на ревизијата тој не бил реализиран.
Во материјалната евиденција, пак, не биле евидентирани набавени канцелариски материјали во вредност од 1,107 милиони денари, обрасци поврзани со инспекциските надзори во вредност од 791 илјада денари и автомобилски гуми во вредност од 249 илјади денари.
Станува збор за набавки во вкупна вредност од околу 2,15 милиони денари кои, според наодите наведени во ревизијата, не биле евидентирани во материјалната евиденција.
Ревизијата се осврнува и на статусната промена на Пазарниот инспекторат. ДПИ, кој претходно функционираше како орган во состав на Министерството за економија со својство на правно лице и сопствена буџетска сметка, по законските измени продолжува да функционира како орган во состав на Министерството за економија и труд, но без својство на правно лице.
Во извештајот ова прашање е ставено и во контекст на препораките на Европската комисија од 2025 година, кои се однесуваат на зајакнување на персоналот, реструктурирање и дигитализација на внатрешните оперативни постапки за надзор на пазарот и обезбедување оперативна независност на ДПИ.
За надминување на утврдените слабости, ревизорите препорачуваат зајакнување на човечките ресурси, воспоставување електронски регистри и информациски систем за управување со инспекциските надзори, подобрување на финансиската и материјалната евиденција и унапредување на инспекциските постапки.

Меѓу препораките се и обезбедување соодветни услови за чување на одземените предмети и обезбедување финансиски и други услови за континуирани контроли на безбедноста на производите на македонскиот пазар.

