Skip to main content
Македонија

Врховниот суд објави образложение за укинување на пресудата на Апелација за Ласкарци

18/09/2026  16:38

Врховниот суд го објави образложението на одлуката со која ги уважи барањата на осудените за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, во предметот за сообраќајната незгода кај селото Ласкарци и ја укина пресудата на Апелациониот суд од 17.04.2025 година, со која беа зголемени казните на дел од обвинетите и предметот го врати на повторно постапување и одлучување.

Во образложението на Врховниот суд се оценува дека Апелација не дала доволно конкретни одговори на суштинските жалбени наводи, ниту детално образложила како дејствијата на секој од осудените се поврзани со несреќата и врз основа на кои докази е утврдена нивната кривична одговорност.

-Со оглед на наведеното заклучокот на овој суд е дека Апелациониот суд Скопје не дал одговор на сите жалбени наводи истакнати од сега осудените во поднесените жалби кои пак како правен лек овозможуваат сеопфатна анализа и контрола на спроведената постапка пред првостепениот суд. Во првостепената пресуда според овој суд преовладува дескритивниот пристап со извадоци од изведените докази, без притоа да се наведат причините за таквата констатација на судот. Постапувајќи по жалбите, второстепениот суд не дал одговор на таквите недостатоци, туку само дава воопштени одговори и констатации на жалбените наводи и прашања кои се од суштествено значење за утврдување на кривично правната одговроност на осудените – се вели во пресудата на Врховен.

При повторното постапување, второстепениот суд е должен да постапи по напатствијата на Врховниот суд.

-Да одлучува во границите на испитување на првостепената пресуда во оној дел во кој се побива во поднесените жалби, односно да направи целосна анализа на сите жалбени наводи, како и да внимава по службена должност во случаите кои се предвидени со закон, на кој начин ќе донесе правилна и законита одлука – стои во пресудата на Врховен.

Врховниот суд, претходно ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје за автобуската несреќа кај Ласкарци со која беа зголемени казните на дел од обвинетите и предметот го врати на повторно постапување и одлучување.

Како што соопшти Врховниот суд, Советот за казниви дела на седницата одржана на 9 септември одлучувал по предметот КВП2-86/25, во јавноста познат како предметот за автобуската несреќа кај селото Ласкарци.

– Со донесената пресуда во предметот КВП2-86/25, барањата за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените преку нивните бранители се уважуваат, пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-979/24 од 17.04.2025 година се укинува и предметот се враќа на повторно постапување и одлучување – стои во соопштението од Врховен суд.

Станува збор за пресудата со која Апелациониот суд во мај 2025 година ги зголеми казните за дел од обвинетите во случајот. На сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и на одговорниот за транспорт во компанијата, Ремзи Мифтари, казните им беа зголемени од шест на по 10 години затвор, додека на вработените во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски од пет на по седум години. Казните за Јане Боваровски и возачот на автобусот Маноил Трифуновски останаа пет, односно 14 години затвор.

Во првостепената пресуда, донесена во јануари 2024 година, шестмината обвинети беа прогласени за виновни за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Трагедијата кај Ласкарци се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“ излета од автопатот Скопје-Тетово. Во несреќата животот го загубија 16 лица, а повеќе од 30 беа повредени.