Skip to main content
Македонија

Дали Македонија е подготвена за сериозна борба против корупцијата?

18/09/2026  11:25

Пишува: Проф. д-р Иван Анастасовски

Многу пати во себе сум размислувал какво е чувството како поединец или пак како народ да имаме менталитет на тоа да ги одбегнуваме поединците без оглед дали се професори, доктори, политичари, функционери или пак државни административци кои се одлучиле да земаат мито, да бидат корумпирани од парите на граѓаните се со цел да приграбат лично богатство за себе. Јас сакам но морам да признам не сум доволно храбар да ги одбегнувам да ги игонирам и дури и да се срамам од нив без оглед дали се мои колеги, мои пријатели или познаници, тие се корупирани и лесно подмитливи. Но сепак нашиот народ со сите премрежија и транзициски процеси кои ги помина успеа само да ги иднетификува тие поединци со терминот се „снашле“ (го цитирам народот на оргинален начин).

Кратко и јасно корупција значи злоупотреба на службената положба за остварување незаконска приватна добивка. Корупцијата во Македонија одамна не е само правно прашање. Таа е прашање на институционален капацитет, политичка волја и доверба во државата. Затоа вистинското прашање денес не е дали Македонија има закони, комисии, стратегии и институции за борба против корупцијата, факт е дека ги има. Прашањето е многу посуштинско: дали државата е подготвена тие механизми да ги примени еднакво кон сите свои граѓани без оглед и без исклучок (нема привилегирани, нема наши и ваши) има само корумпирани?

Одговорот, ако се суди според достапните оценки, мора да биде внимателен.

Да се потсетиме дека Европската комисија во Извештајот за Македонија за 2025 година констатира дека земјата е меѓу „извесно и умерено ниво на подготвеност“ во борбата против корупцијата и дека не е забележан напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. Посебен проблем се високопрофилните случаи, кои често се одолговлекуваат, застаруваат или завршуваат со ниски казни. 

Уште позначаен е податокот дека, според Европската комисија, од активностите предвидени во антикорупциската стратегија за 2024 година, само 18 проценти биле целосно реализирани, додека половина не биле реализирани. Тоа ја открива суштината на македонскиот проблем: не ни недостигаат само стратегии – ни недостига доследна имплементација и храброст.

Во меѓувреме, Државната комисија за спречување на корупцијата во јуни 2026 година ја донесе Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026 – 2030 година со акциски план. Стратегијата ги опфаќа токму областите каде што корупциските ризици се особено значајни: јавни набавки, правосудство, урбанизам и градежништво, транспорт и инфраструктура, здравство, животна средина, здравство и образование. 

Но, тука започнува вистинскиот тест. Корупцијата не се победува со декларации оти секоја власт може да донесе стратегија, исто така секоја власт може да најави „нулта толеранција“ за корупција или да направи банер и реклма пријави корупција. Но ако размислуваме реално не е проблем до државата (тоа сме ние народот) проблем е до политичките партии, а секоја политичка партија ветува дека ќе ја прекине корупцијата само до доаѓање на власт. Мислам дека до сега во нашата држава имало илјадници пресови на политички партии за корпуција и тоа со споменување на навистина големи суми на финасии. Но дали можеме да измериме колку од тоа е процесуирано па дури и реализирано.

Едно е факт кој е неможе да се побие, а тоа е дека сериозна антикорупциска политика започнува дури тогаш кога законот ќе престане да прави разлика меѓу моќните и немоќните, меѓу власта и опозицијата, меѓу партискиот и граѓанскиот интерес.

Доколку институциите се активираат само кога некој политички момент тоа го бара, тогаш не зборуваме за системска борба против корупцијата, туку за селективна примена на институционалната моќ.

Затоа, вистинскиот индикатор за успех не треба да биде бројот на прес-конференции, кривични пријави или политички изјави. Индикаторот треба да биде бројот на случаи што завршуваат со правосилни пресуди, одземање на незаконски стекнат имот и јасна институционална одговорност.

Навистина би сакал државата да тргне во борба да докажување на секој од нас за имотот кој го има на свои име или на некое друго што е многу честа пракса. 

Најголемиот тест е високата политика оти корупцијата најтешко се победува таму каде што се среќаваат политичката моќ, јавните пари и приватниот интерес. Токму затоа Европската комисија посебно укажува на потребата од подобри резултати во случаите на високопрофилна корупција, професионални и навремени истраги, ефективно гонење, конечни пресуди и конфискација на криминално стекнат имот. 

Ова е моментот во кој секоја македонска влада мора да одговори на едно непријатно прашање: Дали ќе дозволи институциите да истражуваат и кога трагата води кон политички моќни луѓе?

Одговорот на ова прашање ќе биде многу поважен од сите декларации за „борба против корупцијата“. Македонија има институции. Сега треба да изгради институционална храброст.

Ако една власт ја користи корупцијата како аргумент против опозицијата, а друга власт го прави истото во обратна насока, системот останува ист. Се менуваат само актерите.

Вистинската промена ќе започне кога политичките партии ќе прифатат дека државата не е сопственост на победникот на изборите, туку институционален систем кој мора да функционира и против интересите на оние што моментално ја имаат политичката моќ.

Да заклучам подготвеноста ќе се мери со дела Македонија денес има нормативна и институционална основа за сериозна борба против корупцијата. Има нова Национална стратегија 2026–2030, институции и дефинирани приоритетни области. Но, податоците и оценките покажуваат дека постоењето на институции не е исто што и нивната ефикасност. Индексот на перцепција на корупцијата за 2025 година ја стави Македонија на 40 поени, исто како и претходната година, што укажува на стагнација според Transparency International – Macedonia. 

Затоа сериозна борба против корупцијата не започнува само со апсењето на некого, туку таа започнува со создавање држава во која никој не е доволно моќен да биде над законот.