
Сериозни проблеми со одолговлекувањето на судските постапки, недостигот на кадар и сè помалата транспарентност преку јавно објавување на пресудите покажуваат податоците од мониторингот на Коалицијата „Сите за правично судење“, посочи Ивана Петковска во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според Петковска, еден од најголемите проблеми е должината на граѓанските постапки. Кај одредени предмети рочиштата се закажуваат само два до трипати во текот на една година, што дополнително го продолжува времето потребно за граѓаните да добијат конечна судска одлука.
Особено голем број предмети, како што посочи таа, има во областа на работните спорови.
Последиците од ваквата состојба, според Петковска, на крајот директно ги чувствуваат граѓаните. Долгото чекање на судска одлука значи дека тие не ја добиваат судската заштита навреме, а истовремено се отвора и прашањето за почитувањето на правото на судење во разумен рок.
Мониторингот покажува промени и во кривичните постапки.
Петковска посочи дека во 2024 година признание на вина било регистрирано во 34 отсто од следените случаи, додека во 2025 година процентот се намалил за околу 10 процентни поени.
Уште позагрижувачки податоци, според неа, се забележани кај јавното објавување на судските пресуди.
Ако во 2024 година околу 40 отсто од пресудите не биле јавно објавени, во 2025 година нивниот удел достигнал дури 66 отсто.
Тоа значи дека во текот на 2025 година речиси две од секои три пресуди опфатени со мониторингот не биле јавно објавени.
Како една од главните причини за проблемите во судството, Петковска го посочи недостигот на човечки ресурси. Судовите се соочуваат со голем број предмети, а истовремено нема доволно судии кои би можеле навремено да постапуваат по нив.
Проблемот, според неа, не завршува само со бројот на судии. Недостигаат и судии поротници и стручни соработници, што дополнително го оптоварува функционирањето на судовите.
Петковска предупреди и на слабиот интерес на младите правници да ја продолжат професионалната кариера во судството и јавното обвинителство.
Една од причините, според неа, се ниските плати и условите што им се нудат на младите кадри.
„Нема мотивација“, оцени Петковска, посочувајќи дека без доволен број нови и стручни кадри проблемите со ефикасноста на правосудниот систем дополнително ќе се продлабочуваат.



