
Функционерите и носителите на јавни функции мора да имаат многу повисок праг на толеранција кога станува збор за критики кон нивната работа, но слободата на изразување не смее да се поистоветува со говор на омраза и директни закани по животот. Ова го истакна Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Говорејќи за неодамнешните заканувачки пораки упатени кон премиерот преку социјалните мрежи, Петковска посочи дека граѓаните имаат право јавно и остро да ја критикуваат работата на политичарите и функционерите, но нагласи дека постои граница меѓу критиката и заканата.
Според неа, политичарите, токму поради функцијата што ја извршуваат, мора да бидат подготвени на значително повисоко ниво на јавна критика отколку останатите граѓани.
Сепак, директните закани за животот и безбедноста на функционерите или членовите на нивните семејства не можат да се третираат како политичка критика или слобода на говор, туку мора да бидат анализирани од надлежните институции во согласност со Кривичниот законик.
Во „Ноќно студио“ беше отворено и прашањето дали институциите применуваат исти критериуми кога заканите се упатени кон различни политичари или кон граѓани.
Во разговорот беше посочен пример во кој пријава за закани и говор на омраза поднесена од друг партиски лидер била отфрлена од обвинителството со образложение дека спорните коментари биле дел од „агресивна или неурамнотежена политичка дебата“. Од друга страна, беше отворено прашањето зошто во одредени случаи кога се засегнати високи функционери институциите реагираат значително побрзо.
Беа споменати и други случаи на пријавени закани кои подолг период останале без конечна институционална разрешница.
Петковска потсети дека еднаквоста пред законот е уставно загарантирана и дека токму институциите преку своето постапување треба да покажат дека истите правила и стандарди важат за сите – без оглед дали станува збор за премиер, лидер на политичка партија, друг носител на јавна функција или обичен граѓанин.
Таа посочи и на стандардите од Европската конвенција за човекови права и практиката на Европскиот суд за човекови права, според кои границите на дозволена критика кон политичарите се пошироки поради природата на нивната јавна функција.

Но, според Петковска, тоа не значи дека заканите по живот и безбедност можат да бидат толерирани. Секој таков случај мора внимателно да се анализира, а институциите треба да постапуваат доследно и според исти критериуми, независно од тоа кон кого е упатена заканата.

