Skip to main content
Македонија

Околу 10.800 ученици од прва година средно стручно образование се првата генерација која ќе учи СТЕМ вештини за професиите на иднината

17/09/2026  13:45

Со почетокот на новата учебна година, околу 10.800 ученици запишани во прва година средно стручно образование ќе станат првата генерација што ќе учи според модернизирани наставни програми кои интегрираат СТЕМ-компетенции вклучувајќи зелени и дигитални аспекти во сите струки, соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава.

Со обука на 569 наставници, изготвени нови ресурси за учење и зајакната соработка со приватниот сектор, се додава во соопштението, оваа реформа ќе им помогне на учениците да применуваат одржливи практики на идните работни места и да одговорат на предизвиците поврзани со климатските промени, кои сè повеќе влијаат врз секој сектор од економијата.

-Реформата доаѓа во време кога стручното образование станува сè попривлечно за младите луѓе. Денешните ученици ќе влезат на пазар на труд којшто се менува под влијание на технолошките промени, зелената транзиција и новите начини на работа. Со модернизирањето на стручното образование, им помагаме на младите да ги стекнат вештините неопходни за успех, а истовремено на компаниите им овозможуваме пристап до кадар подготвен да придонесе за раст, иновации и одржување на конкурентноста – изјавила Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Иако овие вештини се особено важни во сектори како што се обновливите извори на енергија, одржливото градење и зелените технологии, додаваат од УНИЦЕФ, транзицијата кон зелена економија ги менува работните места во речиси сите сектори. Учениците од економските струки ќе учат за моделите на зелени бизниси и одржливи иновации, додека пак учениците од угостителско туристичките струки ќе учат како да го намалат отпадот од храна и да применуваат одржливи практики.

Реформата е насочена кон надминување на јазот којшто постои меѓу еколошките амбиции на младите и нивното знаење и вештини во областа на животната средина.

Предводена од Министерството за образование и наука и Центарот за развој на стручното образование, се додава во соопштението, реформата ги вградува СТЕМ вештините кои вклучуваат зелените и дигиталните аспект во стручното образование. УНИЦЕФ обезбеди техничка поддршка со финансиски средства од Владата на Шведска и компанијата „Нелт“.

-Подготовката на децата и младите за иднината бара преиспитување на тоа кои вештини се важни во целиот образовен систем. Со вклучувањето на СТЕМ вештините кои вклучуваат зелените и дигиталните компетенции во стручното образование, Северна Македонија помага да се обезбеди секој ученик да биде подготвен за успех во економијата и климата што се менуваат – изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

Новите наставни програми, се вели во соопштението, им помагаат на учениците да развијат не само техничко знаење, туку и вештини за решавање проблеми, иновации и прилагодливост, со што ќе дадат значителен придонес во исполнувањето на целите од Стратегијата за образование 2026–2032 година и на Реформската агенда на Северна Македонија 2024–2027 година.