
Со воена свеченост и дефиле на единиците во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска ќе биде одбележан Денот на 2. пешадиски баталјон „Скорпии“ од составот на 1. пешадиска бригада, како и 30-годишнината од формирањето на единицата.

Припадниците на баталјонот ќе го одбележат и патрониот празник поврзан со формирањето на 14. Македонска народноослободителна ударна бригада во селото Митрашинци, како и трите децении од возобновувањето на традициите на единицата во независна Македонија.
Според програмата, пред почетокот на свеченоста ќе биде положено цвеќе на спомен-обележјето „Македонија“ на влезот во касарната, по што ќе следува воениот церемонијал, предавање рапорт и обраќања на командантот на баталјонот и претставници на Армијата.
Во рамки на одбележувањето ќе бидат доделени стимулативни мерки, пофалници и награди за припадници на единицата, како и благодарници за институции и компании кои придонеле за поддршка и афирмација на Армијата.

