Skip to main content
Свет

Трамп: Не се каам за војната со Иран и не верувам во зборот „каење“

11/09/2026  09:57

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не се кае што започнал војна против Иран, и покрај влијанието што конфликтот би можел да го има врз ноемвриските избори за американскиот Конгрес.

– Не верувам во зборот ‘каење’. Секогаш можете малку да се запрашате дали сте биле во право – изјави Трамп во интервју со водителката на „Фокс њуз“, Лора Инграхам, на прашањето дали се кае поради војната со Иран заради нејзиното можно влијание врз изборниот исход.

– Ако требаше повторно да го направам тоа, ќе постапев токму исто – рече Трамп во интервјуто емитувано во емисијата „The Ingraham Angle“.

Американскиот претседател ги отфрли наводите дека дел од неговите поддржувачи се вознемирени и деморализирани поради војната.

– Не мислам дека се деморализирани. Мислам дека се многу горди на фактот што не му дозволувам на Иран да има нуклеарно оружје – изјави тој, повторувајќи го своето уверување дека војната ќе заврши веднаш по изборите за Конгресот.

Трамп даде слични изјави и во средата, тврдејќи дека Техеран се обидува да влијае врз изборите на кои ќе се одлучува дали неговата Републиканска партија ќе ја задржи контролата врз Конгресот.

Зголемувањето на цените на нафтата и гасот поради војната што САД и Израел ја започнаа против Иран стана главно прашање за републиканците во периодот пред изборите. Двете земји го нападнаа Иран на 28 февруари, а Иран возврати со сопствени напади врз Израел и врз земји од Заливот во кои се поставени американски воени бази. Во нападите врз Иран и израелските напади врз Либан загинаа илјадници луѓе, а милиони беа раселени.

Трамп го посочи ослабувањето на нуклеарните способности на Техеран како една од главните цели на војната.