
Директорот на КПУ Затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, Бобан Утковски, поднел оставка од функцијата, потврдија од Владата за „Слободен печат“. Како причина за повлекувањето од директорската позиција, Утковски навел лични причини.
Информацијата за неговата оставка претходно се појави на социјалните мрежи, но досега немаше официјална потврда.
Од Владата информираат дека оставката е доставена и дека ќе биде разгледана на една од наредните владини седници.
„Директорот на КПУ Затвор ‘Скопје-Скопје’ во Шуто Оризари, Бобан Утковски, има поднесено оставка до Владата, која ќе биде предмет на разгледување на една од наредните седници на Владата. Во оставката е наведено дека причините за нејзиното поднесување се лични причини“, соопштиле од Владата.
Оттаму додаваат дека по именувањето нов директор на затворот, јавноста навремено ќе биде информирана.
„Слободен печат“ се обидел да добие дополнително објаснување од Утковски за причините за оставката, но тој не одговорил ниту на телефонските повици ниту на испратените пораки.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, изјавил дека во последните неколку месеци немал контакти со Утковски, иако токму на негов предлог Утковски бил назначен на директорската функција.
Утковски последен пат привлече поголемо внимание во јавноста со изјавите поврзани со безбедноста на поранешниот вицепремиер Артан Груби. Во контекст на информациите од МВР и АНБ за безбедносните проценки поврзани со Груби, Утковски тврдеше дека затворот во Шутка „не е мексикански картел“ и дека безбедноста во установата е на прво место.


