Skip to main content
Македонија

Кога милионите пристигнуваат во спам – а вистинската цел е вашиот паричник

08/09/2026  15:41

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Пред неколку дена, во папката „Спам“ на мојата електронска пошта забележав порака со навидум неверојатна содржина. Непознат испраќач ме известуваше дека сум наследник на 10,5 милиони американски долари и дека треба само да ја потврдам мојата подготвеност да отпатувам во Панама, а потоа и во Ирска, за да ја завршам постапката за исплата. Сè звучеше официјално: се споменуваа централна банка, Меѓународниот монетарен фонд, Обединетите нации, банки, „финални документи“, па дури и целосно покриени трошоци за патување.

За момент си помислив дека ваквата порака заслужува само едно движење со глувчето – „Избриши“. Но, потоа се запрашав: дали сум единствениот што добил ваква понуда? Секако дека не. Ако јас ја добив, тогаш сигурно ја добиле и многу други граѓани, не само во Македонија, туку и низ светот.

Токму затоа решив наместо веднаш да ја избришам, да ја претворам во повод за разговор за една многу посериозна тема – современите дигитални измами.

Можеби некој ќе рече: „Па кој денес би поверувал дека наследил милиони долари од непознат човек?“ Но, искуството покажува дека измамниците не живеат од тоа што ќе измамат илјадници луѓе. Ним им е доволно само неколкумина да поверуваат. Трошокот за испраќање илјадници електронски пораки е речиси никаков, а ако само еден човек ги испрати своите лични документи, своите банкарски податоци или, уште полошо, уплати пари за некаква „административна такса“, измамата веќе ја постигнала својата цел.

Но, оваа тема за мене има и една лична димензија.

Пред околу петнаесетина години, додека сè уште работев, се занимавав со извозно-увозни зделки. Со еден странски деловен партнер соработувавме редовно и плаќањата се одвиваа по однапред договорена постапка. Една недела пристигна профактура за стока подготвена за испорака, во вредност од околу триесет илјади евра. На прв поглед сè изгледаше вообичаено. Но, една ситница ми го привлече вниманието – банкарската сметка за уплата беше различна од онаа што со години ја користевме.

Наместо веднаш да ја извршам уплатата, направив нешто што траеше само неколку минути. Го повикав мојот деловен партнер.

Одговорот беше краток и јасен:

„Ние не сме смениле банка, ниту сметка.“

Потоа им ја препратив електронската порака што ја бев примил. По заедничката проверка, а подоцна и со вклучување на банките и надлежните служби во двете држави, беше утврдено дека некој ја пресретнал електронската комуникација, ги изменил инструкциите за плаќање и се обидел парите да ги насочи на сосема друга сметка.

Не знам дали тие средства некогаш ќе можеа да се вратат доколку тогаш бев невнимателен. Но знам нешто друго: една обична проверка спречи штета од околу триесет илјади евра.

Тогаш научив една лекција што и денес ја сметам за драгоцена.

Измамникот најчесто не победува затоа што е попаметен од својата жртва. Победува тогаш кога жртвата ќе престане да проверува.

Современата технологија му донесе огромни придобивки на човештвото. Денес за неколку секунди можеме да комуницираме со луѓе од другата страна на светот, да склучуваме договори, да вршиме плаќања и да добиваме информации. Но, истата технологија ја користат и оние што сакаат незаконски да се збогатат.

Современиот криминал сè помалку личи на криминалот од филмовите. Денес нема потреба од маски, оружје или провала. Доволни се компјутер, интернет и добро осмислена измама. Наместо сила, се користи доверба. Наместо закана, се користи надеж. Наместо насилство, се користи човечката желба за брзо и лесно решение.

Некој ќе ви понуди милионско наследство. Друг ќе ве извести дека сте добиле лотарија во која никогаш не сте учествувале. Трет ќе ви испрати порака што изгледа како да доаѓа од вашата банка. Четврти ќе ја измени банкарската сметка на редовен деловен партнер.

Начинот е различен. Целта е секогаш иста – да стекнат ваша доверба.

Затоа не треба да се срамиме кога ќе провериме нешто уште еднаш. Напротив. Во денешниот дигитален свет проверката е знак на одговорност, а не на недоверба.

Ако навистина постои законско наследство, легална исплата или официјална обврска, таа нема да исчезне затоа што сте поставиле дополнително прашање или сте ја провериле информацијата преку надлежните институции. Но, ако станува збор за измама, токму вашата проверка ќе им го пресече патот на измамниците.

Нашите предци немале интернет, електронска пошта и вештачка интелигенција. Но имале животна мудрост што и денес вреди повеќе од многу современи технологии.

„На фалените јагоди не се оди со голема кошница.“

Денес тие „јагоди“ можеби се претвориле во милионски наследства, неверојатни инвестиции или лесна заработка. Но поуката останува иста.

Кога нешто изгледа предобро за да биде вистина, најчесто навистина не е вистина.

Најдобрата победа над измамникот не е да го добиете на суд. Најдобрата победа е никогаш да не му дадете можност да ве измами.

А ако оваа колумна помогне барем еден човек навреме да ја препознае измамата, тогаш нејзината цел е постигната.