
Најмалку четири лица загинаа, а 20 други се повредени во израелските напади врз областа Набатија во јужен Либан, објави либанската државна новинска агенција ННА.
Израелската армија ја нападна и уништи болницата Гандур во ал-Набатија ал-Фаука, зграда која не била во употреба со години. Беше објавено дека имало и повредени.
Градот Набатија беше погоден и од силен воздушен напад чија цел беше историска зграда во сопственост на братот на пратеникот Насер Џабер. Зградата, која порано беше ресторан, сега е целосно уништена.
Нападот предизвика голема штета на зградите на регионалниот финансиски оддел и на одделот за земјоделство во Набатија, кои се наоѓаат во зграда веднаш до местото на нападот. Канцелариите беа оштетени, прозорците и вратите беа скршени, а досиеја и документи беа расфрлани насекаде. Десетици продавници и кафулиња во близина на местото на нападот беа исто така оштетени.
Претходно, израелската војска соопшти дека либанската милиција Хезболах употребила два беспилотни летала за напад врз израелски војници во јужен Либан. Припадници на Израелските одбранбени сили (ИДФ) соборија еден од беспилотните летала. Никој од војниците не е повреден. ИДФ соопшти дека ова е грубо кршење на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан, додавајќи дека Израел затоа напаѓа цели во јужен Либан.
Израелскиот портал Ynet, повикувајќи се на безбедносни извори, наведува дека болницата во Набатија повеќе не е во употреба и дека Хезболах ја злоупотребува како база. Овие тврдења не можеа независно да се потврдат.

