
СВР Охрид поднесе кривична пријава против две лица од општина Дебрца поради сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Како што информира МВР, кривична пријава е поднесена против З.Н.(60) од селото Волино и И.М.(43) од селото Мешеишта.
Според полицијата, во текот на 2024 година првопријавениот, во својство на градоначалник на Општина Дебрца, со пропуштање должен надзор и несовесно постапување при извршувањето на своите овластувања и должности, потпишал одобренија за изградба на фотонапонски панели за правно лице од Скопје.
Од МВР наведуваат дека одобренијата биле потпишани иако првопријавениот знаел дека правното лице не ја поседувало целокупната потребна документација издадена од надлежен орган.
Спорните одобренија, според кривичната пријава, биле изготвени од второпријавениот, кој во тој период бил раководител на Одделението за урбанизам и јавни дејности во Општина Дебрца.
Против двајцата е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за „несовесно работење во службата“.

