
Град Скопје најавува нови сообраќајни решенија, мерки за справување со отпадот и активности за подобрување на јавниот превоз во главниот град.
Една од позначајните промени се однесува на дивиот пешачки премин кај Бит-пазар, кој секојдневно го користат голем број граѓани. На оваа локација наскоро треба да биде обележан официјален пешачки премин и да бидат поставени семафори и соодветна хоризонтална сигнализација.
Скопскиот градоначалник Орце Георгиевски, одговарајќи на советничко прашање, потврди дека целта на интервенцијата е да се зголеми безбедноста на пешаците.
„На местото на нелегалниот премин ќе биде обележан пешачки премин, а ќе бидат поставени и семафори со цел да се зголеми безбедноста на пешаците“, информираше Георгиевски.
Промени се најавуваат и во јавниот градски превоз. Георгиевски потврди дека веќе е потпишан договорот за набавка на 100 нови електрични автобуси.
Според најавите од градските власти, првата испорака на новите автобуси се очекува до крајот на годинава. Со нивното вклучување во сообраќај треба да се подобрат капацитетите на јавниот превоз и постепено да се обновува возниот парк.


