
Истрагата поврзана со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино ќе продолжи, откако Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи приговорот на АД Електрани на Северна Македонија против наредбата со која претходно беше запрена постапката.
Надлежен јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство донел решение со кое Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е задолжено да ја продолжи постапката и дополнително да ги испита околностите во случајот.
Станува збор за истрага која опфаќа вкупно 13 физички и едно правно лице, а се однесува на сомнежи за кривични дела злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и перење пари.
Од Вишото обвинителство биле констатирани слабости, пред сè, во изготвените вештачења врз кои обвинителот од ОЈО ГОКК ја темелел претходната одлука за запирање на истрагата.
Поради тоа, дадени се дополнителни насоки за постапување и е побарано истрагата да продолжи во насока на утврдување на поединечните дејствија на осомничените.
Посебно треба да се испита дали и кој од осомничените презел директни дејствија или помагал во активности со кои ЕСМ, преку евентуална злоупотреба на наменски средства доделени од државниот буџет и со користење на повластената законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможил имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице.
Вишото јавно обвинителство го задолжило ОЈО ГОКК да прибере и анализира дополнителни податоци од повеќе институции, но и да нареди нови вештачења.
Целта е прецизно да бидат испитани сите околности околу набавките на мазут за ТЕЦ Неготино и да се утврди дали постои кривична одговорност кај лицата опфатени со постапката.

