Skip to main content
Македонија

Зајкова: Што ќе се случеше ако имаше луѓе во запалениот автобус на Водно

30/08/2026  14:44

„До кога ќе се молиме Господ да нѐ чува затоа што институциите очигледно не нѐ чуваат?! Пред една година јавно предупредував за безбедноста на жичницата на Водно и прашував дали треба да се случи трагедија за некој конечно да преземе одговорност. После една година жичницата е сѐ уште затворена”, пишува во објава на социјалните мрежи претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка, Моника Зајкова.

„Денес на Водно се запали двокатен автобус на ЈСП. За среќа, нема жртви. А што ако имаше луѓе внатре?! Ќе беше ли тоа уште една „трагедија”, уште еден ден на жалост, уште едно „ќе ги испитаме причините” – и повторно никој виновен”, вели претседателката на ЛДП во објавата.

Зајкова дополнително прашува кој ги проверува автобусите со кои секој ден се превезуваат илјадници граѓани? Кога последно се сервисирани и на кој начин? Кој гарантира дека се технички исправни? Кој потпишува дека се безбедни?

„Или веќе сѐ во ова општество сме оставиле на Господ да нѐ чува?! Не можеме повеќе да живееме од една среќна околност до друга. Денес возачот реагирал навреме и спречил поголема катастрофа. Утре можеби нема да имаме толку среќа. Кородираме во секое поле – институции, инфраструктура, јавен превоз, одговорност 0″, децидна е претседателката на ЛДП, Зајкова и додава дека безбедноста на луѓето не смее да зависи од среќата, а одговорноста не се бара само откако ќе се изгуби човечки живот!