
Словенечката полиција објави нови детали за тешката сообраќајна несреќа на приморскиот автопат, во која животот го загубија тројца македонски државјани – четиригодишно девојче, нејзиниот 11-годишен брат и нивната 74-годишна баба.
Полицискиот инспектор Петер Лебан од Полициската управа Копер потврдил дека во автомобилот „ауди А4“, со италијански регистарски таблички, патувало семејство кое живеело во Равена, Италија. Загинатата 74-годишна жена била мајка на возачот, додека двете загинати деца биле негови син и ќерка.
„Загинаа мајката на возачот и неговите две деца, четиригодишната ќерка и 11-годишниот син“, појаснил Лебан.
Зад воланот на автомобилот бил 39-годишниот татко, додека неговата 33-годишна сопруга седела на задното лево седиште, непосредно зад возачот. Според информациите на полицијата, таа користела сигурносен појас и во несреќата се здобила со полесни телесни повреди. Со хеликоптер била пренесена во болница.
Двете деца се наоѓале на задните седишта, а според информациите што ги соопшти полицијата, не биле врзани со сигурносни појаси. Бабата, според досегашните информации, најверојатно се наоѓала на совозачкото седиште.
Полицијата ги прецизираше и првичните информации за состојбата на преживеаните. Таткото не бил повреден, иако по несреќата со возило на Итната медицинска помош бил однесен во болница. Неговата сопруга се здобила со полесни повреди. Двајцата возрасни користеле сигурносни појаси.
На 39-годишниот возач му биле направени тестови за присуство на алкохол и наркотични средства, а двата теста биле негативни.
Истражителите продолжуваат да ги утврдуваат околностите што довеле до трагедијата. Меѓу можните сценарија што се проверуваат е и дали возачот можеби заспал непосредно пред ударот, но полицијата нагласува дека тоа засега е само една од истражните насоки и не е утврдена причина за несреќата.
Според досегашната реконструкција, 64-годишен државјанин на Босна и Херцеговина поради дефект го запрел товарното возило во ниша покрај автопатот. „Аудито“, кое се движело во правец кон Копер, со десниот дел најпрво ја закачило заштитната ограда, а потоа силно удрило во задниот лев дел од приколката на запрениот камион.
Во моментот на ударот возачот на камионот се наоѓал во кабината и не бил повреден.
Од Полициската управа Копер посочуваат дека точниот тек и причините за несреќата сè уште се предмет на истрага. По нејзиното завршување, против причинителот ќе биде поднесена кривична пријава за предизвикување сообраќајна несреќа од небрежност. Во увидот учествувале и државен обвинител и истражен судија.
Имињата на загинатите и преживеаните членови на семејството засега не се официјално објавени.

