Skip to main content
Македонија

Жештина од Африка и песок од Сахара: Што нè очекува за продолжениот викенд

27/08/2026  16:24

Македонија и во следните денови ќе остане под влијание на екстремно топол воздушен бран што пристигнува од Африка, а продолжениот викенд ќе донесе комбинација од високи температури, тропски ноќи, сахарска прашина, но и локална нестабилност.

Според метеоролошките прогнози, на 28, 29 и 30 август над земјава се очекува зголемено присуство на сахарска прашина и песок во атмосферата. Поради тоа, небото на моменти може да изгледа заматено, а сончевата светлина да добие жолтеникава нијанса.

Во исто време продолжува и периодот на многу топло време. Максималните дневни температури ќе се искачуваат до околу 39 степени, а во повеќе градови се очекуваат и тропски ноќи, кога температурата нема значително да се спушта ниту во текот на ноќните часови.

За време на викендот претпладневните часови ќе бидат претежно сончеви и многу топли.

Сепак, во попладневните часови атмосферата на одредени места ќе стане понестабилна, па се очекува локален пороен дожд проследен со грмежи и засилен ветер.

Метеоролозите не ја исклучуваат можноста локално процесите да бидат поинтензивни, со краткотраен силен ветер и услови за појава на град.

Граѓаните се советуваат да го избегнуваат подолгото изложување на сонце во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да бидат внимателни поради можните нагли временски промени во попладневните часови.