Skip to main content
Македонија

Студенти: Алармантни се условите во „Стив Наумов“

28/10/2026  14:09

Студентскиот дом „Стив Наумов” во Скопје повторно се соочува со катастрофални услови за живот, кои директно ја загрозуваат здравствената состојба и безбедноста на студентите сместени во овој капацитет. И покрај тековните потреби за основно достоинство и пристојни услови за учење и живот, студентите се принудени да престојуваат во соби кои не ги исполнуваат минималните стандарди.

Според информациите од терен и поплаките од самите студенти, состојбата во домот е следната:

  • Целосен недостаток на парно греење: Покрај тоа што веќе две недели грејната сезона е почната, парното греење не е пуштено, радијаторите не функционираат соодветно – наместо греење, тие испуштаат силни и несносни звуци кои потсетуваат на локомотиви, оставајќи ги собите ладни и нехигиенски за престој.
  • Здравствен ризик од влага и мувла: На голем дел од ѕидовите во собите веќе се појавени сериозни дамки од влага, што директно го загрозува респираторниот систем и здравјето на младите луѓе.
  • Проблеми со инфраструктурата и санитарните чворови: Во одделни тоалети во рамките на домот, состојбата е алармантна бидејќи водата директно тече од плафоните, правејќи ги истите нефункционални. Исто така добиваме и поплаки дека нема топла вода.
  • Ноќта на 27.10 се запали бојлер: Поради неисправност на бојлер за греење вода, избувна пожар во бараките. Пожарот беше изгаснат од страна на студент, сите студенти беа евакуирани.

Ги повикуваме Министерството за образование и наука, раководството на ДСД „Стив Наумов” и сите надлежни институции и служби итно, без одлагање, да излезат на терен, да ги санираат дефектите на греењето, да ги реконструираат влажните ѕидови и санитарни чворови и да им овозможат на студентите хумани и безбедни услови за живот.

Недозволиво е во 21 век студентите кои се столбот на иднината на ова општество да бидат принудени да училишните и академските обврски ги извршуваат во услови кои повеќе потсетуваат на хуманитарна криза отколку на студентски дом. Дополнително, цената за престој е дупло зголемена, односно изнесува 6600 денари месечно.