
Шест нови случаи на западнонилска треска се регистрирани во земјава за само еден ден, со што вкупниот број на потврдени случаи се искачи на 50. Истовремено, здравствените власти го потврдија и првиот случај на инфекција во Куманово.
Од шесте новорегистрирани случаи, пет се од Скопскиот Регион. Тројца од заразените се жители на Гази Баба и се на возраст над 70 години, еден пациент е од Зелениково и има 26 години, додека уште еден случај е регистриран во Аеродром кај лице на возраст од 59 години.
Првиот потврден случај во Куманово е кај 65-годишен маж од приградска населба. Според информациите од Центарот за јавно здравје Куманово, пациентот во периодот пред да се разболи не патувал надвор од државата.
Тој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје и се наоѓа во тешка здравствена состојба.
„Здравствената состојба на пациентот е тешка. Покрај инфекцијата со вирусот западен нил, кај него се присутни и хронични заболувања, вклучително и дијабетес, кои можат да влијаат врз текот и тежината на болеста“, изјави Херољинд Сакипи, директор на Центарот за јавно здравје Куманово.
По потврдувањето на случајот била спроведена епидемиолошка анкета со членовите на потесното семејство на заболениот.
Според Сакипи, врз основа на резултатите од анкетата ќе бидат преземени соодветни мерки, меѓу кои и дезинсекција на објектот и просторот каде што престојувало заразеното лице, како и на други локации каде што постои можност пациентот да бил каснат од заразен комарец.
Со новите случаи продолжува растот на бројот на заболени од западнонилска треска во земјава, при што вирусот, покрај Скопскиот Регион, сега е потврден и во Куманово.


