Skip to main content
Македонија

Груби во судница, Бајрами во бегство: Почна судењето за „Државна лотарија“

24/08/2026  11:00

Почна судењето за „Државна лотарија“: Груби и уште седум лица обвинети за злоупотреби тешки над 507 милиони денари

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судскиот процес за случајот поврзан со АД „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби. Покрај него, на обвинителна клупа се уште седум лица.

Обвинението следува откако Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август поднесе обвинителен предлог против осум лица. Според наводите на Обвинителството, во текот на 2023 и 2024 година обвинетите заеднички преземале дејства со кои ги пречекориле границите на своите овластувања и должности.

Обвинителството тврди дека со таквото постапување била предизвикана значителна штета на АД за приредување игри на среќа „Државна лотарија“, проценета на 507.632.173 денари, односно повеќе од осум милиони евра.

На сите осуммина им се става на товар кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. За делото за кое се товарат, според одредбите наведени во обвинителниот предлог, е предвидена затворска казна до пет години.

Предметот преку системот за автоматска распределба е доделен на судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

Првообвинет во случајот е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој и натаму е недостапен за органите на прогонот. Обвинителството побарало за него да биде определен 30-дневен притвор кој би започнал да се применува по неговото пронаоѓање.

Второобвинет е поранешниот вицепремиер Артан Груби. За него Обвинителството предложило продолжување на претходно определениот куќен притвор. На Груби му се определени и мерки на претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.

Бидејќи во случајот е поднесен обвинителен предлог, мерката притвор, согласно одредбите од Законот за кривичната постапка, може да трае најмногу 60 дена од денот на поднесувањето на предлогот до завршувањето на главната расправа. Во конкретниот случај рокот се пресметува од 13 август.

Груби претходно повеќе од 14 месеци беше недостапен за македонските органи. Во февруари годинава беше уапсен на граничниот премин Блаце.

По распитот во Обвинителството, наместо мерката притвор која претходно му беше определена во отсуство, на Груби поради безбедносни причини му беше определен куќен притвор.

Со денешното рочиште случајот за наводните злоупотреби во „Државна лотарија“ влегува во фазата на главна судска постапка.