Skip to main content
Балкан

Вечерва изменет сообраќајниот режим кај Солун поради затворање на обиколницата

24/08/2026  10:11

Возачите од Македонија кои вечерва патуваат кон Солун, Халкидики или Меѓународниот аеродром во Солун треба да сметаат на привремена измена на сообраќајниот режим и можно подолго време на патување.

Од 23 часот вечерва, 24 август, па сè до 5 часот утре наутро, целосно ќе биде затворена делницата од внатрешната обиколница на Солун меѓу клучките К5 кај Евкарпија и К6 кај Метеора. Затворањето ќе важи за правецот кон исток, односно за возилата кои се движат кон Халкидики и солунскиот аеродром.

Причина за привременото ограничување се градежните активности поврзани со изградбата на новиот Flyover во Солун. Станува збор за голем инфраструктурен проект поради кој во изминатиот период во повеќе наврати се воведуваат привремени измени на сообраќајниот режим.

Возачите кои ќе пристигнуваат од западниот дел на обиколницата нема да можат да продолжат по вообичаената рута кон исток. Тие задолжително ќе бидат пренасочувани преку излезот кај Евкарпија, од каде сообраќајот ќе продолжува преку локалната патна мрежа кон булеварот Страту и централните делови на Солун.

Во периодот додека трае затворањето нема да биде дозволено ниту вклучување на обиколницата во источен правец преку рампата кај болниците.

Ограничувањето е особено важно за македонските граѓани кои вечерва или во текот на ноќта патуваат кон туристичките места на Халкидики, како и за оние кои имаат лет од солунскиот аеродром. Поради пренасочувањето на возилата кон градските сообраќајници, можна е поголема фреквенција на сообраќајот и подолго време потребно за пристигнување до крајната дестинација.

Правецот кон Евзони останува отворен, што значи дека ограничувањето главно ќе ги засегне возачите кои по влезот во Грција продолжуваат кон Солун, Халкидики и аеродромот.

Грчката полиција информира дека во текот на денот сообраќајот на главните солунски сообраќајници се одвива нормално, додека посебниот режим ќе започне во 23 часот и, според најавите, ќе трае до 5 часот наутро.

На возачите им се препорачува навреме да го испланираат патувањето, да ја следат поставената сообраќајна сигнализација и да предвидат дополнително време, особено доколку патуваат кон аеродромот и имаат закажан лет.