
Најмалку 30 лица ноќеска загинаа во одрон на депонија во главниот град на Гвинеја, Конакри, кога како последица на обилните врнежи голема количина отпад се одронала и затрупала шатори и импровизирани објекти.
Несреќата се случила околу 2 часот по полноќ во општината Гбесија. Во одронот шест лица се тешко повредени, а уште 16 се здобиле со полесни повреди. Спасувачките екипи со багери и друга опрема го расчистуваат теренот. Според очевидци, одронот бил толку голем што затрупал и станбена зграда.
Пред само една седмица Владата во Конакри најави затворање на депонијата и дислокација на отпадот поради опасноста што ја претставува, особено во текот на актуелната дождовна сезона.
Гвинеја ги има најголемите светски резерви на боксит и едно од најголемите неискористени наоѓалишта на железна руда во светот, Симанду, каде во ноември започна голем рударски проект. Сепак, земјата има слаба инфраструктура и широко распространета сиромаштија.



