Skip to main content
Македонија

Левица: 14 жртви, нула одговорност – пресудата за модуларната болница ја потврди играта на ДПМНЕ и СДСМ: војна пред камери, сојузништво во неказнивоста

21/08/2026  09:56

Соопштение на Левица:

Повторно гледаме како во Македонија не се менуваат системи, туку чувари на истиот режим на привилегии. Едните заминуваат од власт натоварени со афери, другите пристигнуваат со заклетви за правда до крај, а меѓу две изборни смени останува недопрена најважната инфраструктура на поредокот, т.е. механизмот на заемна неказнивост. Криминалот станува предмет, предметот предистрага, предистрагата фиока, фиоката застарување или архивирање, а потоа целиот скандал воскреснува како материјал за следната изборна кампања. Во тој затворен круг ДПМНЕ и СДСМ не се антиподи, туку “конкуренти” со заеднички интерес за системот никогаш да не стигне предалеку.

Четиринаесет луѓе загинаа, пет години поминаа, три обвинителки го менуваа предметот, две влади се сменија, а политичко-бизнис врвот повторно излегува без правен товар од целата приказна. Обвинителството соопшти дека не утврдило основи на сомнение за злоупотреба при набавките… Кога и по трагедија од вакви размери институционалниот биланс е толку стерилен, баналноста на одговорноста е уште поочигледна – строга надолу, а сè поблага нагоре.

Токму затоа станува неподнослива секојдневната кореографија меѓу Мицкоски и Филипче. Од една страна секојдневно слушаме за јахти, златни визи, Заев, Дубаи, милиони и криминални шеми, а од друга, сè помалку гледаме правни епилози соодветни на драмата на тие обвинувања. Сега е уште појасно дека тоа е контролирана конфронтација, политичко уценување во кое противникот мора постојано да биде компромитиран, но системски никогаш целосно ликвидиран. За ДПМНЕ, Филипче е идеален додека е обвинет на прес-конференција, за СДСМ Мицкоски е идеален додека е закана со која се мобилизира сопствениот табор. Така едниот му го обезбедува политичкиот смисол на постоење на другиот, а јавноста добива бескрајна претстава на жесток судир зад кој неказнивоста продолжува да има парламентарно мнозинство без оглед кој формално владее.

Истата политичка солидарност ја видовме и со измените на Кривичниот законик. СДСМ со кворум обезбеден од ДПМНЕ отвори простор за пропаѓање и застарување на крупни предмети од што најголема корист имаа истакнати кадри на ДПМНЕ. 

А Кочо Анѓушев е персонификација на олигархискиот континуитет што ја преживува секоја партиска смена. Поранешен вицепремиер во владата на Заев, сопственик на „Брако”, компанијата избрана за модуларните болници, а истовремено човек кој самиот Мицкоски го има во својата долгогодишна пријателска, академска и бизнис орбита. Политичките гарнитури се менливи, крупните интереси се трајни. 

Дополнително, ИРЛ објави дека обвинителката што го затворила предметот не презела ново истражно дејствие и немала информација за посебен ревизорски извештај во кој се отвора прашањето за дополнително подобрување на техничките барања заради поголема безбедност по пожарот.

Кога политичките елити можат бескрајно да се обвинуваат, а речиси никогаш суштински да не се загрозат една со друга, не можеме да говориме за плурализам, туку за поделба на пленот – две партиски структури, ист систем на неказнивост, исти недопирливи олигархиски интереси и држава сведена на гарант на нивниот политички и економски опстанок.