Skip to main content
Магазин

Започнува Runfire Salt Lake Ultra Trail на бескрајната белина на Соленото Езеро

21/08/2026  09:44

На спектакуларната бела површина на Туз Ѓолу, односно Соленото Езеро, во регионот Аксарај, во Централна Анадолија, денеска започнува Runfire Salt Lake Ultra Trail, еден од највпечатливите и најнеобични ултрамаратони во Туркије. Во периодот од 21 до 23 август 2026 година, стотици спортисти и љубители на природата ќе имаат можност да бидат дел од уникатно искуство во еден од најубавите природни предели во земјата.

Овогодинешниот Runfire Salt Lake Ultra Trail се организира со поддршка од Агенцијата за промоција и развој на туризмот на Туркије (TGA), а ќе собере 750 спортисти од 13 земји, потврдувајќи го својот растечки меѓународен карактер и позицијата како значаен спортски настан кој привлекува учесници и посетители од различни делови на светот.

Трката се одржува на Туз Ѓолу, второто по големина езеро во Туркије, познато по својата огромна бела солена површина која во летните месеци создава речиси надреален пејзаж. Поради испарувањето на водата, во овој период се открива впечатлив слој сол, претворајќи го езерото во бескрајна бела рамнина, буквално како од друга планета.

Програмата на Runfire Salt Lake Ultra Trail нуди седум различни категории, наменети за спортисти со различно ниво на подготвеност. Учесниците ќе можат да се натпреваруваат во дисциплини на 10 километри, тимска трка на 10 километри, 15 километри Ден и Ноќ, како и на 20, 40, 80 километри и во најдолгата од 100 милји, односно 160 километри. Стартот на најдолгата трка на 100 милји е закажан за денеска, додека во текот на утрешниот ден ќе се одржат останатите трки и фестивалски активности.

Runfire Salt Lake Ultra Trail потекнува од најтешката етапа на Runfire Cappadocia, ултрамаратон кој започна во 2012 година. Од 2016 година, оваа легендарна делница прерасна во самостоен ултрамаратон и оттогаш се одржува на уникатната солена површина на Туз Ѓолу. Настанот, покрај спортскиот предизвик, нуди и целосно доживување со камп, музика, настапи во живо и разновидни активности.

Посебна вредност на Runfire Salt Lake Ultra Trail му дава и природното опкружување во кое се одржува. Туз Ѓолу е подрачје под посебна еколошка заштита и е живеалиште за преселни и водни птици, како и едно од најважните места за размножување на фламинга во Туркије. Подрачјето е вклучено и на Привремената листа на светско наследство на УНЕСКО, поради својата исклучителна природна и еколошка вредност. Токму затоа, одржливоста и заштитата на природната средина се важен дел од концептот на настанот. Организаторите посветуваат посебно внимание на зачувувањето на чувствителниот екосистем на Соленото Езеро, со цел настанот да се одвива во хармонија со природата. Со овој настан, Туркије уште еднаш ја потврдува својата позиција како атрактивна дестинација за љубителите на активниот туризам, спортот и авантурите на отворено. Ултратрките што се одржуваат низ различни региони на земјата им овозможуваат на спортистите, но и на посетителите, да ја доживеат природата на Туркије на еден поинаков и динамичен начин.