Skip to main content
Македонија

Владиниот авион се поскап за одржување – се планира набавка на нов вели Томовски

20/08/2026  22:31

Идејата за набавка на нов владин авион останува актуелна, а една од главните причини се високите трошоци и честите дефекти на леталото што во моментов го користи државата. Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во гостување во „Вести плус“ на Канал 5 изјави дека за само две години за сервисирање на сегашниот авион биле потрошени околу два милиона евра.

Станува збор за авион од 2004 година, кој, според Томовски, сè почесто е надвор од употреба поради дефекти и проблеми со набавката на резервни делови.

Тој објасни дека за леталото веќе нема оригинални делови, поради што мора да се набавуваат репарирани. Во одредени случаи нивната испорака се чека со недели, а во тој период авионот не може да се користи.

Дополнителен проблем е неговиот капацитет – располага со само шест седишта, што го прави несоодветен за патувања на поголеми државни делегации.

„Проблемот е што е поприлично мал, има само шест седишта и не може да отиде на патување со поголема делегација“, рече Томовски, посочувајќи дека ново летало би требало да обезбеди поголема сигурност и достапност.

Според директорот на СОЗР, набавката на нов владин авион не е ниту повлечена ниту пропадната. Тој смета дека сериозна држава треба да располага со сопствено летало, кое освен за потребите на највисоките државни функционери може да биде употребено и во итни ситуации.

Како пример ги посочи последните случаи кога владиниот авион бил користен за транспорт на повредени пациенти на лекување во странство.

Томовски нагласи дека авионот се користи исклучиво за службени потреби и врз основа на официјално барање. За претседателот на државата, претседателот на Владата и претседателот на Собранието трошоците ги покрива СОЗР, додека другите институции и министерства плаќаат за неговото користење.

Во интервјуто Томовски се осврна и на службените возила со црвени регистарски таблички. Тој ги повика граѓаните да пријавуваат евентуални злоупотреби, посочувајќи дека токму поголемата јавна контрола била целта на воведувањето на препознатливите таблички.

Според него, во СОЗР веќе има неколку дисциплински постапки поврзани со констатирани злоупотреби, како и изречени опомени.

Томовски зборуваше и за зградата на Комерцијална банка, каде што треба да се сместат државни институции. По првичниот рок од 20 јуни бил потпишан анекс до 10 август, а тој очекува во рок од најмногу еден месец да започне етапното вселување.

Објектот, според него, е завршен или е во последната фаза од работите, по што комисии ќе проверуваат дали има недостатоци и грешки пред институциите да започнат со вселување.