Skip to main content
Свет

Трамп најавува дека наскоро нешто ќе се случи со Иран

22/10/2026  07:46

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД во моментов не преговараат со Иран и најави дека нешто ќе се случи наскоро, без да прецизира дали мисли на продолжување на воените операции или на евентуален договор.

Неговата изјава доаѓа во време кога американските и израелските воени претставници подготвуваат планови за нови напади врз Иран по изборите во САД на 3 ноември, пишува „Њујорк тајмс“.

„Не, не мислам дека преговараме. Нешто ќе се случи наскоро, на еден или друг начин“, им рече Трамп на новинарите во средата по враќањето од предизборен митинг во Јужна Каролина.

„Повеќето луѓе мислат дека тоа ќе биде по изборите, а ние ќе видиме што ќе се случи“, додаде тој. Трамп не објасни какви случувања очекува, ниту најави некаква конкретна воена акција.

„Можеме да заминеме сега, но сакаме тоа да трае“

Претходно за време на предизборниот митинг, Трамп зборуваше и за можноста за завршување на војната на САД со Иран. „Ќе заврши многу брзо. Можеме да си заминеме сега, но сакаме да бидеме сигурни дека ќе трае“, рече тој.

Тој тврдеше дека САД веќе го поразиле Иран воено и финансиски. Тој повтори дека на Техеран нема да му биде дозволено да развива нуклеарно оружје.

Изјавите на Трамп доаѓаат по месеци судири и неуспешни дипломатски обиди за постигнување потраен договор меѓу Вашингтон и Техеран.

„Њујорк тајмс“: САД и Израел подготвуваат нови напади

„Њујорк тајмс“ објави, повикувајќи се на американски претставници и други извори запознаени со разговорите, дека американската и израелската војска подготвуваат планови за можни нови напади врз Иран по изборите за Конгресот на САД на 3 ноември.

Според информациите, двете војски развиле опции за кратка, но интензивна воена операција. Потенцијалните цели вклучуваат ирански нуклеарни објекти, енергетски објекти и складишта и системи за ракети и беспилотни летала.

Американските и израелските сили ги засилија воените вежби како подготовка за можна операција, вклучително и летови над Ирак за вежбање напади.

Сепак, не е сигурно дека Трамп ќе одобри нови напади. „Њујорк тајмс“ објави дека американскиот претседател постојано ги отфрнувал предлозите за обновување на големите воени операции против Иран оваа година.

Претставник на Белата куќа изјави за весникот дека администрацијата не коментира за воени планови кои можеби постојат, а можеби и не.