Skip to main content
Македонија

Седум нови случаи на инфекција со вирусот Западен Нил за една недела

07/08/2026  15:19

Во текот на оваа недела во земјава се регистрирани седум нови случаи на инфекција со вирусот Западен Нил (WNV). Сите случаи се од Скопје: по два од општините Кисела Вода и Гази Баба и по еден од Илинден, Бутел и Аеродром.

Новозаболените лица се на возраст од 60 до 84 години и сите се хоспитализирани.

На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во моментот се хоспитализирани вкупно 16 пациенти. Кај 15 од нив инфекцијата е лабораториски потврдена, додека за еден суспектен случај се очекуваат резултатите. Тројца пациенти се во критична состојба и се интубирани. 

Станува збор за повозрасни лица со придружни заболувања. Останатите пациенти се во стабилна состојба и добиваат соодветен третман.

Досега во државата се регистрирани вкупно 20 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил. Првиот случај бил пријавен на 15 мај 2026 година во Велес.

Најефикасната превенција е заштитата од убоди од комарци. Се препорачува да се избегнува престој на отворено во зори и во самрак, кога комарците се најактивни, како и да се користат репеленти и заштитни мрежи на вратите и прозорците.

Граѓаните треба редовно да ги отстрануваат застоените води од дворовите и терасите, бидејќи тие претставуваат погодни места за размножување на комарците.