Skip to main content
Македонија

Тежината на јавниот збор и леснотијата на функцијата

31/07/2026  12:24

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија:

Во секое демократско општество постојат луѓе на кои граѓаните привремено им доверуваат одговорност да управуваат со државата, институциите и јавните процеси. Тоа е суштината на демократијата. Но суштината на демократијата не е само изборот на власт, туку и одговорноста што произлегува од функцијата.

Токму тука, со години наназад, кај нас се провлекува еден опасен и тивок процес кој полека почна да се прифаќа како нормална состојба. Наместо функцијата да создава чувство на поголема одговорност, одмереност и внимателност, таа сè почесто создава привид на непогрешливост. Како самата позиција автоматски да му дава на човекот и знаење за сè, и право секогаш да биде во право.

А вистината е многу поедноставна и многу почовечна.

Ниту еден човек не може да биде експерт за сите области. Ниту еден политичар не може подеднакво добро да ги познава економијата, правото, здравството, енергетиката, образованието, дипломатијата или технологијата. Тоа не е слабост. Тоа е природна граница на секој човек.

Слабоста започнува тогаш кога функцијата ќе создаде чувство дека незнаењето мора да се прикрие со самоуверен настап, со долги објаснувања, со комплицирани формулации или со политичка реторика која повеќе создава впечаток отколку суштина.

Политичарот не мора да знае сè, но мора да знае што не знае. Не мора да биде експерт за секоја област, но мора да има мудрост да ги слуша оние што знаат. А кога зборува во име на државата и граѓаните, секој негов збор мора да биде добро одмерен.

Бидејќи јавниот збор не е приватен разговор. Зборот на носител на јавна функција има тежина. Тој влијае врз довербата во институциите, врз чувството на сигурност кај граѓаните и врз впечатокот каква држава сме и какви критериуми сме подготвени да прифатиме.

Но кај нас, со години, како да се создаде поинаков модел. Системот сè помалку ги вреднува знаењето, искуството и интегритетот, а сè повеќе партиската послушност, лојалноста и способноста да се брани став без оглед на тоа дали е исправен.

Кога таквиот модел долго време се повторува, последиците не остануваат само кај поединците. Институциите почнуваат да ја губат тежината, функциите ја губат смислата, а јавниот збор ја губи сериозноста.

Тогаш се создава опасна состојба: не граѓаните да се угледуваат на институциите, туку институциите постепено да го прифаќаат просекот на политичката импровизација како нормален стандард.

Најопасно од сè е што ваквите процеси не се случуваат нагло. Нема еден ден во кој државата одеднаш станува слаба. Девалвацијата доаѓа тивко — преку навикнување на пониски критериуми, преку оправдување на површноста, преку претворање на политичката реторика во замена за знаење и одговорност.

А кога критиката кон таквите појави ќе почне да се доживува како напад врз авторитетот, тогаш проблемот станува уште подлабок. Наместо јавната функција да биде обврска кон народот, таа почнува да се претвора во простор за лична суета, партиска самодоверба и потреба секогаш да се остави впечаток на непогрешливост.

Но народот никогаш не барал од своите избраници да бидат семоќни или најпаметни луѓе на светот.

Народот бара чесни луѓе. Разумни луѓе. Одмерени луѓе. Луѓе подготвени да учат, да слушаат и да прифатат дека функцијата не го прави човекот поголем од другите, туку само поодговорен.

Затоа што државата не е сцена за лична величина, туку обврска кон сите граѓани.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.