
Луѓето на кои им е потребен аларм за да се разбудат наутро во просек се поуморни од оние кои се будат природно, покажало американско истражување спроведено меѓу 450 канцелариски работници.
Во текот на истражувањето, научниците ја следеле должината на спиењето и отчукувањата на срцето на учесниците со помош на преносливи уреди. Околу 57 проценти од испитаниците користеле аларм за будење, а токму тие почесто чувствувале поспаност и замор во текот на денот.
Истражувачите од Универзитетот Нотр Дам во Индијана посочуваат дека алармот може нагло да го прекине природниот процес на будење. Кај луѓето кои се будат природно, организмот започнува да се подготвува за будење уште пред отворањето на очите, преку физиолошки промени кои му помагаат полесно да премине од сон во будна состојба.
Наспроти тоа, звукот на алармот може да го прекине сонот во момент кога организмот сè уште не е подготвен за будење.
Испитаниците кои се буделе без аларм во просек спиеле подолго, консумирале помалку кофеин и пријавувале помал замор во текот на денот.
Најизразен бил проблемот кај таканаречените „ноќни птици“ – луѓето кои легнуваат и функционираат подобро подоцна во денот. Тие почесто зависеле од аларм и воедно пријавувале поголем замор.
Истражувањето го разгледувало и популарното утринско одложување на алармот за дополнителни пет, десет или 15 минути. Според професорот Арон Стригел, податоците не покажале значајна разлика меѓу оние кои стануваат по првиот аларм и оние кои го користат „snooze“ или поставуваат повеќе аларми.
Дополнителните неколку минути во кревет не можат да го надоместат недостатокот од квалитетен сон. Ако човек редовно мора да користи аларм за да стане, истражувачите посочуваат дека поважно прашање е дали спие доволно и дали распоредот за спиење е усогласен со неговите потреби.
„Проблематично е ако ви треба аларм бидејќи во тој случај сте хронично ненаспани“, посочува Стригел.
