
По години во кои дел од најголемите инфраструктурни проекти беа симбол на пролонгирани рокови, проблеми и застои, Владата најавува забрзување на изградбата на патната и железничката мрежа. Во фокусот се автопатите, експресните патишта, железничките коридори и градските сообраќајници, кои според премиерот Христијан Мицкоски треба да претставуваат двигател на економскиот раст во следните години.
Најголемо внимание и понатаму привлекува автопатот Кичево-Охрид проект кој повеќе од една деценија беше еден од најголемите инфраструктурни предизвици во државата. Денес, сликата на терен е значително поинаква. Во моментов веќе се вози на поголем дел од трасата, а во следните месеци треба да бидат пуштени уште околу десет километри од најкомплексниот дел кај Пресека. Таму се градат осум галерии, најдолгите патни тунели во Македонија и бројни мостови, при што најголемите геолошки и инженерски предизвици веќе се надминати. Според најавите, целосното завршување на автопатот се очекува во текот на 2027 година, со што конечно ќе се воспостави современа врска меѓу западниот дел на државата и Охрид.
Паралелно со националните проекти, се забрзува и реализацијата на клучните сообраќајни решенија во главниот град. Клучката кај Момин Поток, која со години беше едно од најголемите сообраќајни тесни грла во Скопје, е реализирана околу 75 проценти. По целосното завршување, кое се очекува до крајот на годината, треба значително да се подобри протокот на возила во северниот дел од градот. Проектот опфаќа нов надвозник, два километри потпорни ѕидови, пешачки и велосипедски патеки, како и поврзување со мостот кај Серава. Истовремено се работи на булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и уште неколку мостови низ Скопје, додека во август се очекува да започне изградбата на мостот што ќе ги поврзе Гази Баба и Аеродром.

Освен завршувањето на започнатите проекти, Владата најавува и нов инвестициски циклус во патната инфраструктура. Според премиерот Мицкоски, до крајот на 2027 година треба да се реализираат шест големи автопатски проекти. Покрај завршувањето на Кичево-Охрид, започнува изградбата на делницата Букојчани-Кичево, финансиски поддржана од Европската банка за обнова и развој, како и делницата Блаце-Скопје, која треба да ја подобри поврзаноста со Косово. Продолжува и изградбата на автопатските делници Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола, кои се дел од Коридорот 8 но во тек се и градежните активности на локалните патишта во с. Мешеишта и Волино.
Во источниот дел на државата се планира изградба на експресниот пат Кочани-Виница-Делчево, кој треба значително да го скрати времето на патување до граничниот премин Делчево и да ја подобри поврзаноста на регионот. Паралелно продолжуваат активностите и на експресниот пат Романовце-Страцин, со што Владата настојува инфраструктурниот развој да биде рамномерно распределен низ целата држава.
Покрај патиштата, значаен дел од инвестициите се насочени кон железничката инфраструктура. Продолжува изградбата на железничката пруга кон Бугарија, каде што веќе се пробиени тунелите на втората делница до Крива Паланка, а се работи и на модернизација на пругата кон Кичево, како и на железничката линија Скопје–Јегуновце–Тетово–Гостивар. Паралелно продолжува и реализацијата на Коридорот 10, кој претставува една од најважните транспортни оски во државата.
Според премиерот Христијан Мицкоски, овој инфраструктурен циклус претставува инвестиција од повеќе милијарди евра која треба да создаде силен импулс за домашната економија. Освен подобрување на патната и железничката мрежа, проектите ќе ангажираат голем број домашни компании, ќе отворат нови работни места и ќе создадат дополнителна економска активност уште во фазата на изградба.
Најголемиот предизвик, како што посочи Мицкоски, повеќе не е обезбедувањето финансиски средства, туку капацитетот на домашната градежна оператива истовремено да реализира толкав број големи проекти. Владата веќе води разговори со стопанските комори за надминување на недостигот од квалификувана работна сила и градежна механизација.
Следствено најавената динамика, Македонија во следните две години би можела да добие најголем инфраструктурен напредок во последната деценија. Завршувањето на автопатот Кичево-Охрид, новите автопатски делници, експресните патишта, модернизацијата на железницата и големите градски сообраќајни проекти треба да придонесат не само за побрз и побезбеден транспорт, туку и за поголема конкурентност на македонската економија и подобри услови за привлекување нови инвестиции.

