Skip to main content
Свет

Хаос во Париз: Маж со два кујнски ножа нападнал три жени, две се сериозно повредени

27/07/2026  17:12

Три жени се повредени во напад со нож што се случил во понеделник претпладне во Париз, а осомничениот напаѓач е уапсен благодарение на интервенција на полицаец кој во моментот не бил на должност, соопштија француските власти.

Нападот се случил околу 11:30 часот во областа Порт де Клиши, во северозападниот дел на француската престолнина. Според досегашните информации, напаѓачот бил вооружен со два кујнски ножа и нападнал три жени на возраст од 19, 24 и 36 години.

Сите три повредени жени биле пренесени во болница каде им била укажана медицинска помош.

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез потврди дека осомничениот бил совладан и уапсен од полицаец кој во моментот на нападот не бил на должност.

„Сторителот е уапсен од полицаец кој не е на должност“, изјави Нуњез, оценувајќи ја неговата интервенција како „храбар чин“.

Според локалните медиуми, една од нападнатите жени наводно е бремена, но оваа информација првично не беше официјално потврдена од властите.

Две од жртвите се здобиле со сериозни повреди, но според министерот, нивните животи не се во опасност. Едната жена била повредена во долниот дел од грбот, додека другата се здобила со повреда во пределот на стомакот.

Француските власти засега не го соопштуваат идентитетот на осомничениот, а не е утврден ниту мотивот за нападот.

Според Нуњез, осомничениот по апсењето дал „некохерентна“ изјава. Министерот, сепак, повика да не се изнесуваат предвремени заклучоци за причините и мотивите за нападот додека трае истрагата.

Полицијата продолжува да ги утврдува сите околности околу нападот, како и дали постоела некаква поврзаност меѓу осомничениот и трите жртви.