
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против двајца стоматолози поради сомнежи за корупција поврзана со полагање стручен испит, а доказите кои довеле до новиот предмет биле откриени при анализа на мобилни телефони одземени во истрагата за случајот познат во јавноста како „Ботокс“.
Јавен обвинител од ОЈО ГОКК денеска донел Наредба за спроведување истражна постапка против две лица. Првоосомничениот се товари за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“, додека второосомничениот е осомничен за кривичното дело „Примање поткуп“.
Станува збор за доктор по стоматологија и претседател на Стоматолошкото друштво на Албанците, како и за претседател на Испитната комисија за полагање стручен испит за здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата.
Новата истрага произлегла од доказите обезбедени при анализа на екстрахираните податоци од мобилните телефони одземени во рамки на друга истражна постапка што ОЈО ГОКК ја води против организирана криминална група инволвирана во нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала, случај познат како „Ботокс“.
Според досега прибраните докази, случајот се одвивал во декември 2025 година, кога жена, која е опфатена како осомничена во истрагата поврзана со нелегалниот увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала, му дала парична награда на првоосомничениот.
Според сомнежите на Обвинителството, парите биле дадени за стоматологот, користејќи го своето реално и претпоставено влијание, службената и општествената положба и угледот, да интервенира со цел да биде извршено службено дејствие кое не смеело да се изврши.
Првоосомничениот, според досега обезбедените докази, потоа интервенирал кај второосомничениот – претседател на Испитната комисија за полагање стручен испит за здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата.
Од него побарал да ја искористи својата службена положба и да ѝ овозможи на осомничената да го положи стручниот испит.
Според Обвинителството, испитот бил положен, а потоа следувала и паричната уплата. Првоосомничениот ѝ ги доставил на осомничената податоците од својата трансакциска сметка, по што таа извршила уплата на паричен износ како награда за посредувањето.
ОЈО ГОКК во соопштението не наведува за колкава сума станува збор.
Согласно досега обезбедените докази, првоосомничениот дел од ветената парична награда му ја предал на второосомничениот, односно на претседателот на Испитната комисија.
Случајот бил откриен при анализата на податоците од мобилните телефони одземени во истрагата за организираната криминална група поврзана со нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала. Токму содржината извлечена од телефоните, според Обвинителството, обезбедила докази врз основа на кои е оформена новата истражна постапка.
Двајцата осомничени во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.
Надлежниот јавен обвинител ќе предложи определување мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на кривичната постапка.
Станува збор за нова истражна линија која произлегла од предметот „Ботокс“, а истрагата треба да утврди како се одвивало посредувањето, околностите под кои бил положен стручниот испит и паричната награда која, според сомнежите на Обвинителството, била исплатена по неговото полагање.

