
Жителите на дел од Маврово привремено не треба да ја користат водата од градскиот водовод за пиење, поради превентивни активности за чистење на водоводната мрежа, информираат од Јавното претпријатие за комунални дејности „Маврово“.
Според соопштението, интервенцијата ќе се спроведува на потегот од селото Маврово до поштата во Маврови Анови, а целта е подобрување на состојбата и редовно одржување на водоводниот систем.
Додека траат активностите, граѓаните од опфатеното подрачје се повикуваат водата од водоводот да не ја користат за пиење. Таа во овој период треба да се употребува исклучиво за технички потреби.
Од ЈП „Маврово“ најавуваат дека по завршувањето на чистењето ќе бидат извршени потребните проверки на водоводниот систем и квалитетот на водата.
Јавноста дополнително и навремено ќе биде информирана кога водата повторно ќе биде безбедна за консумирање.

