
Жителите на населбата Колонија во Општина Гази Баба алармираат дека од вчера во 17 часот се без електрична енергија, а проблемот сè уште не е решен и покрај бројните пријави до надлежните институции.
Според нивните информации, по невремето во населбата има паднати дрвја на улиците и искинати електрични жици, кои претставуваат потенцијална опасност за граѓаните. Случајот веднаш бил пријавен во ЕВН и во Општина Гази Баба, но до моментот на нивното обраќање никој не излегол на терен за да интервенира.
Жителите посочуваат дека сите околни населени места веќе имаат електрична енергија, додека Колонија и понатаму останува во мрак.
Тие апелираат до надлежните служби што поскоро да преземат мерки за отстранување на паднатите дрвја и санација на оштетената електрична мрежа, со цел нормализирање на состојбата и обезбедување на безбедноста на жителите.


