
Силното невреме што попладнево го зафати Скопје предизвика сериозни последици низ градот. Повредени се најмалку 15 лица, оштетени се јавни објекти, а службите за итни случаи биле затрупани со повици од граѓани кои пријавувале штети и опасни ситуации.
Според информациите од здравствените установи, девет пациенти биле примени на Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ. Две лица се здобиле со потешки повреди – една жена со повреда на главата е префрлена на Клиниката за неврохирургија, додека друга пациентка има скршеница на раката. Останатите пациенти се со полесни повреди и се под лекарски надзор.
Дополнителни шест лица побарале медицинска помош во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Тие се здобиле со посекотини и набиеници, а дел од нив биле повредени од паднати дрвја, откорнат лим од покрив и паднати керамиди. Тројца пациенти по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување, додека останатите се задржани на дополнителни испитувања. Според лекарите, сите се во стабилна состојба и засега нема потреба од хоспитализација.
Иако во Градската општа болница „8 Септември“ немало повредени од невремето, самата болница претрпела значителни оштетувања. Најголема штета е предизвикана на покривот и покривната конструкција на објектот, а точната проценка ќе биде направена по увидот на надлежните служби.
Центарот за управување со кризи информира дека само во периодот од 17 до 21 часот на бројот 112 биле регистрирани повеќе од 8.300 повици од граѓани. Поради огромниот број пријави, биле активирани дополнителни операторски смени за побрзо процесирање на повиците и нивно проследување до надлежните институции.
Од ЦУК апелираат граѓаните да имаат трпение, посочувајќи дека материјалните штети ќе може да се пријавуваат и во текот на утрешниот ден.
Во меѓувреме, Управата за хидрометеоролошки работи предупредува дека кон земјава се движи нов бран нестабилно време од правец на Албанија и Косово. Според прогнозите, ноќва е можно ново невреме во Скопје, проследено со пообилни врнежи од дожд, иако се очекува ветерот да биде значително послаб од оној што попладнево предизвика хаос низ главниот град.



