
Основниот суд во Гостивар им одреди 30-дневен притвор на тројцата осомничени во истрагата за загадувањето на водата за пиење во Гостивар. Станува збор за в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Нуредини и раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Дервиши, кои мерката ќе ја издржуваат во КПУ „Затвор Скопје“.
Судијката Драгослава Веселинова информираше дека судија на претходна постапка го прифатил предлогот на Основното јавно обвинителство Гостивар, поднесен од јавниот обвинител Хазби Исени, кој ја води истражната постапка за случајот.
Против тројцата осомничени се води истрага за кривичното дело „Тешки дела против животната средина и природата“, за кое е предвидена затворска казна од најмалку четири години.
Според образложението на судот, притворот е определен поради тежината на кривичното дело и висината на запретената казна, но и поради опасноста осомничените да се дадат во бегство или да влијаат врз сведоците кои треба да бидат сослушани во текот на истражната постапка.
Со оваа одлука, тројцата ќе останат во притвор во наредните 30 дена, додека Обвинителството продолжува со прибирање докази за случајот кој предизвика епидемија и сериозна загриженост кај жителите на Гостивар.

