
Соопштение за јавност на Левица:
Најновиот Извештај на Европската комисија за владеењето на правото претставува тешко обвинение против начинот на кој Мицкоски и ДПМНЕ управуваат со државата. Комисијата не опишува неколку изолирани слабости, туку систем во кој корупцијата останува широко распространета, високопрофилните предмети ретко завршуваат со правосилни пресуди, измените на Кривичниот законик го стеснуваат просторот за гонење, а институцијата задолжена за спречување на корупцијата беше потресена од скандали токму во сопствениот состав.
Дури 92% од граѓаните сметаат дека корупцијата е широко распространета во Македонија. Тоа значи дека повеќе од девет од десет граѓани ја гледаат корупцијата како редовен начин на функционирање на државата, а не како исклучок што институциите го откриваат и казнуваат. Уште 35% велат дека лично ги чувствуваат последиците од корупцијата во секојдневниот живот, додека само 32% сметаат дека има доволно успешни постапки за да се одвратат луѓето од коруптивни дејствија. Практично, повеќе од две третини од населението не верува дека државата испраќа сериозна порака дека корупцијата ќе биде откриена и санкционирана.
Ова е целосен институционален пораз за власта на Мицкоски. Во држава во која речиси целото население смета дека корупцијата е распространета, премиерот нема право да ја префрла одговорноста врз некакви безимени слабости на системот. Тој ја предводи Владата, неговата партија го контролира парламентарното мнозинство, ги предлага законите, ги избира функционерите и управува со клучните институции.
Европската комисија утврдува дека, и покрај отворањето истраги против актуелни и поранешни високи функционери, судските постапки доцнат, правосилните пресуди се ретки, а државата сè уште нема изградено уверлив резултат во борбата против високата корупција. Особено тешка е констатацијата дека токму реткото правосилно казнување го зацврстува чувството на неказнивост. Тоа значи дека проблемот не е во бројот на прес-конференции, поднесени пријави или отворени предмети, туку во фактот што политички моќните лица премногу често го дочекуваат крајот на постапката без правосилна одговорност.
Особено поразителна е оценката за измените на Кривичниот законик донесени во јануари 2026 година. ДПМНЕ имаше можност целосно да ги отстрани последиците од измените од 2023 година кога токму тие на СДСМ му обезбедија кворум, со кои се намалија казните, се скратија роковите за застарување и се овозможи запирање на сериозни корупциски предмети. Наместо тоа, власта донесе решение за кое Европската комисија утврдува дека содржи сериозни недостатоци во споредба со правната рамка што важеше пред 2023 година.
Комисијата посочува дека примената на делото злоупотреба на службената положба е ограничена на ситуации кои исклучително ретко се појавуваат во практиката. Последицата е дека други форми на службена злоупотреба остануваат надвор од опфатот на делото, а во правниот систем се создава несигурност. Дополнително, максималните казни за потешките облици остануваат пониски од оние што важеле пред измените од 2023 година, со што се скратуваат и роковите за застарување на сложените корупциски предмети.
Левица предупреди на ова уште додека ДПМНЕ ги туркаше измените низ Собранието. Пратеничката група на Левица поднесе и амандмани со кои побара заострување на казнената политика за злоупотреба на службената положба и несовесното работење во службата. Беше предложено враќање на старата, поширока одредба која ги опфаќаше сите облици на злоупотреба при јавните набавки, зголемување на казните, задолжително одземање на имотната корист стекната со злоупотреба и проширување на одговорноста и врз министрите, директорите и другите службени лица во органите на државната управа.. ДПМНЕ свесно ги одби овие амандмани.
Левица тогаш алармираше и реагираше дека измените на ДПМНЕ не ја заоструваат одговорноста, туку ги намалуваат минималните и максималните казни, отвораат можност за условни казни и овозможуваат побрзо застарување. Европската комисија сега практично ги потврдува суштинските предупредувања што власта тогаш арогантно ги отфрли.
Последиците од пипците на Мицкоски се гледаат и во последниот судски епилог на предметот „Талир 2″. Основниот кривичен суд донесе ослободителна пресуда за Никола Груевски и го одби барањето за конфискација на „Белата палата”. Судот во образложението ги поврза последиците со измените на Кривичниот законик од 2023 година. Во првата постапка, врз истиот доказен материјал, веќе постоеше осудителна пресуда и наредба за конфискација, но по укинувањето на пресудата и повторувањето на судењето, предметот заврши со ослободување и одбивање на конфискацијата

