Skip to main content
Македонија

Почина Нури Бајрами, поранешен заменик-претседател на Антикорупциската комисија

18/07/2026  12:25

На 66-годишна возраст почина Нури Бајрами, поранешен член и заменик-претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), новинар и долгогодишен јавен деец од Гостивар.

Бајрами беше избран за член на Антикорупциската комисија во февруари 2019 година, а на првата конститутивна седница беше избран и за заменик-претседател на Комисијата, функција што ја извршуваше во едногодишен мандат. До завршувањето на мандатот во 2024 година активно учествуваше во работата на институцијата и во постапките поврзани со случаи на висока корупција и злоупотреба на службената положба.

По професија беше дипломиран правник, а во текот на својата кариера работеше и како новинар и главен уредник на ТВ2. Исто така, извршуваше повеќе функции во локалната самоуправа во Општина Гостивар.

Колегите и соработниците го паметат како скромен и посветен човек, кој и за време на својот мандат во ДКСК секојдневно патувал со автобус од Гостивар до Скопје за да ги извршува своите работни обврски.

По завршувањето на мандатот се пензионираше, но остана активен соговорник на медиумите за прашања поврзани со борбата против корупцијата и функционирањето на институциите.

Во изминатиот период неговата здравствена состојба значително се влоши по оперативен зафат на нозете. Во последните јавни изјави посочуваше дека е неподвижен и прикован за кревет, изразувајќи сомневање дека причината за тоа е медицинска грешка при операцијата.

Семејството на Нури Бајрами информираше дека погребот ќе се одржи денеска, сабота (18 јули 2026 година), по попладневната молитва.

Со неговата смрт, Македонија загуби човек кој остави значаен придонес во јавниот живот, медиумите и институционалната борба против корупцијата.