
Дваесет и петгодишен жител на тетовското село Требош е лишен од слобода откако управувал возило без возачка дозвола и предизвикал сообраќајна несреќа во која се повредени повеќе лица, меѓу кои и тригодишно дете.
Според информациите од СВР Тетово, несреќата се случила на 17 јули околу 22 часот на регионалниот пат кон село Требош. Во судирот учествувале патничко возило „голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од С.Г. (25) од село Требош, и патничко возило „мерцедес“, исто така со тетовски регистарски ознаки, управувано од Т.С. (80) од село Палатица.
Полициската истрага утврдила дека С.Г. управувал со возилото без да поседува возачка дозвола, со што сторил кривично дело согласно член 297-а од Кривичниот законик, по што веднаш бил приведен.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле сопатничките во возилото „мерцедес“ – Р.С. (77) од село Палатица и С.И. (49) од Тетово. Со телесни повреди се здобиле и В.И. (46), како и тригодишно дете. Повредите биле констатирани во Клиничката болница во Тетово.
Увид на местото на несреќата извршила екипа на СВР Тетово, а по целосното документирање на случајот, против приведениот 25-годишник ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

