
На покана на државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Вашингтон учествуваше на министерска конференција посветена на заканите од подемот на политичкиот тероризам. На конференцијата, високи претставници од повеќе од шеесет држави разговараа за унапредување на меѓународната соработка и институционалната подготвеност за справување со современите форми на политички мотивирано насилство и тероризам.
Во своето обраќање, Муцунски истакна дека кога насилството се користи за замолчување на политичкиот говор, заплашување избрани функционери и граѓани, напади врз органите на прогонот или влијание врз демократските процеси, тогаш повеќе не станува збор за вообичаено политичко несогласување, туку за организирано политичко насилство, а во неговите најтешки облици и за тероризам.
Тој нагласи дека слободните општества никогаш не смеат да се плашат од дебата, бидејќи демократијата почива врз различноста на мислењата, но и дека политичкото насилство никогаш не смее да стане легитимен јазик на политичките промени.
Осврнувајќи се на регионалниот контекст, Муцунски посочи дека оваа закана има сериозна димензија и за Западниот Балкан како стратешки чувствителен регион. Во таа насока, ја нагласи потребата од подобро разбирање на каналите на радикализација, идентификување на финансиската и логистичката поддршка, како и утврдување дали надворешни актери ги злоупотребуваат домашните тензии за постигнување пошироки стратешки цели.
Министерот истакна дека дигиталното опкружување суштински го промени овој предизвик, бидејќи радикализацијата, пропагандата, регрутирањето и координацијата денес можат да се одвиваат преку границите и во реално време. Затоа, соработката мора соодветно да се приспособи преку зајакната размена на разузнавачки информации, поблиска координација меѓу органите на прогонот и продлабочена соработка во борбата против дигиталната радикализација и транснационалните мрежи за поддршка.
Како сојузник во НАТО и стратешки партнер на Соединетите Американски Држави, Муцунски нагласи дека Северна Македонија е подготвена да даде свој придонес во заедничките напори за справување со овие закани.
Поздравувајќи го лидерството и иницијативата на Соединетите Американски Држави за организирање на конференцијата, Муцунски истакна дека новите закани бараат политичка јасност и координирано дејствување, нагласувајќи дека во демократијата на идеите им се спротивставуваме со идеи, а политичкото насилство никогаш не смее да стане легитимен јазик на политичките промени.
На маргините на конференцијата, министерот Муцунски оствари и работна средба со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саар. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка меѓу двете земји, а соговорниците ја потврдија заедничката подготвеност за нејзино натамошно продлабочување во периодот што следи.

