Skip to main content
Свет

(Видео) Огромно свлечиште затрупа згради во Кина, луѓе заробени под урнатините

17/07/2026  09:21

Свлечиште во округот Пенгшуј, во југозападна Кина, во петокот затрупа непознат број луѓе и урна неколку станбени згради во подножјето на еден рид, објавија државните медиуми, објави Ројтерс .

Според информациите од државната телевизија CCTV, локален работник забележал дека камењата паѓаат околу 8:00 часот наутро и веднаш издал предупредување. Потоа властите наредиле евакуација на повеќе од 60 жители. Сепак, лизгањето на земјиштето започнало во 9:08 часот, точно за време на евакуацијата, и затрупало дел од луѓето.

Точниот број на луѓе заробени под урнатините сè уште се утврдува. Официјалната новинска агенција Синхуа објави дека девет лица се извлечени од урнатините и дека ниту едно од нив не е во опасност од смрт.

Министерството за управување со вонредни состојби на Кина го активираше второто ниво на подготвеност. Во официјалното соопштение, тие наведоа дека на терен е испратена спасувачка екипа од 100 лица и дека на местото на настанот се испратени вкупно 206 пожарникари и спасувачи со 49 возила.

Причината за свлечиштето сè уште не е позната. Снимките од воздух објавени од CCTV покажуваат камења и остатоци како паѓаат врз група станбени згради покрај реката. Снимките, исто така, покажуваат луѓе како бегаат додека зад нив се извишува густ облак од прашина.