Skip to main content
Македонија

Обвинителство за „Тотал“: Предметниот јавен обвинител морал да изврши преквалификација поради наодот од супервештачењето, а со тоа настапи и апсолутна застареност

16/07/2026  14:14

Јавното обвинителство на РСМ информира дека предметниот јавен обвинител Марија Џабирова Велков во случајот „Тотал“ морала да изврши преквалификација на обвинението поради наодот од супервештачењето, а со самото тоа настапи и апсолутна застареност од 15.03.2024 година.

Од Обвинителството информираат дека во конкретниот предмет, по наредба на Основниот кривичен суд Скопје било извршено ново супервештачење од областа на економско, финансиско, материјално и сметководствено работење, согласно кое износот на даночното затајување од значителен бил намален во поголем и согласно тоа не ги исполни елементите на кривичното дело Даночно затајување.

-На расправата која се одржа на 27.05.2026 година свој исказ пред судот дадоа и вештите лица, кои наспроти прашањата на обвинителот, потврдија дека фактичката состојба изнесена во обвинението е променета. Согласно вештачењето, износот на даночното затајување од значителен беше намален во поголем и согласно тоа не ги исполни елементите на кривичното дело од ставот 2, односно мораше да биде преквалификуван во ставот 1 од членот 279 – Даночно затајување. Иако предметниот јавен обвинител Марија Џабирова Велков во своето обраќање потенцираше дека останува на воведните говори изнесени на главна расправа во досегашниот тек на предметот, сепак мораше на самото рочиште да изврши преквалификација на обвинението токму поради наодот од супервештачењето, а со самото тоа настапи и апсолутна застареност од 15.03.2024 година – информираат од Обвинителството. 

За предметот „Тотал“ на поранешното специјално јавно обвинителство, кој се однесува на даночно затајување од страна на новинарот Драган Павловиќ-Латас и три правни лица, претходно од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека на 28 мај годинава е „донесена пресуда со која се одбива обвинението за предметот откако надлежниот јавен обвинител се откажал од обвинителниот акт во целост“.

Пресудата, како што информираат од Основниот кривичен суд Скопје од 25 јуни годинава е правосилна и веќе се изготвени решенија за трошоци на странките, а штом таа ќе биде анонимизирана ќе биде објавена на веб-страницата на судот. 

– Во конкретната постапка, која во овој суд се води од октомври 2017 година, обвинети се Д.П.-Л. како физичко лице и три правни лица од Скопје, за кривичното дело даночно затајување. Предметот неколкупати почнуваше од почеток поради промена на надлежноста на јавниот обвинител и преземање на предметот од едно во друго обвинителство за на последното рочиште надлежниот јавен обвинител, во завршен збор да се откаже од понатамошно гонење на обвинетите. Имено, обвинителот, имајќи ги предвид наводите во вештиот наод и мислење, најпрвин направил измени во обвинителниот акт по што утврдил дека за две од обвинетите правни лица во постапката не се исполнети елементите што го чинат законскиот опис на пријавеното кривично дело даночно затајување, а за едно правно лице и обвинетиот Д.П.-Л. во меѓувреме настанала апсолутна застареност на кривичното гонење. Поради сето тоа, судот постапил во согласност со законските одредби и ја донел наведената пресуда – информираа денеска од Основниот кривичен суд Скопје.

Во случајот „Тотал“ на поранешното СЈО новинарот Драган Павловиќ-Латас како сопственик и управител на фирмите за маркетинт и консалтинг услуги „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје беше обвинет дека во периодот од 2008 до 2015 заедно со правните лица со намера да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давале лажни податоци и со тоа правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјада евра, а Павловиќ-Латас за 63 илјади евра.