Skip to main content
Македонија

Уставниот судија Гоце Наумовски поднесе оставка само неколку месеци по изборот

16/07/2026  12:39

Уставниот судија Гоце Наумовски поднел оставка на својата функција, потврдуваат собраниски извори за ТВ 24. Според истите извори, оставката веќе е доставена до Собранието, кое треба да постапува по неа согласно законските процедури.

Наумовски беше избран за судија на Уставниот суд во февруари годинава, по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието. Неговиот избор тогаш беше дел од процесот на пополнување на судискиот состав на највисоката институција за заштита на уставноста и законитоста во државата.

Тој е редовен професор на Правниот факултет и е познат во јавноста како брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски. Воедно, Владата претходно соопшти дека Наумовски е и надворешен советник на премиерот Христијан Мицкоски за правни прашања.

Засега не се соопштуваат причините за неговата оставка, ниту дали тој лично ќе се обрати до јавноста со образложение за својата одлука. Се очекува во наредниот период Собранието официјално да ја констатира оставката и да ги започне постапките предвидени за пополнување на испразнетото судиско место во Уставниот суд.