
Во Министерството за култура и туризам денеска беше извршено официјалното примопредавање на министерската функција, при што Седат Сулејмани и формално ја презеде должноста министер за култура и туризам.
При примопредавањето, новиот министер му се заблагодари на својот претходник Зоран Љутков за досегашниот ангажман и придонес во раководењето со ресорот, посакувајќи успешна соработка и континуитет во процесите што се од значење за културата и туризмот.
Со преземањето на функцијата, Сулејмани најавува нов период на работа, насочен кон унапредување на културниот сектор и туристичкиот развој, јакнење на националните културни институции, поддршка на уметниците, творците и младите автори, како и спроведување политики кои ќе придонесат за развојот на државата и подобар културен живот за граѓаните.
Кој е Седат Сулејмани?
Седат Сулејмани е роден во Тетово во 1975 година. Високото образование го завршил на Универзитетот „Улудаг“ во Бурса, Турција, а постдипломски студии посетувал на Факултетот за општествени науки при Универзитетот на Југоисточна Европа.
Во текот на својата професионална кариера стекнал искуство и во приватниот сектор, каде реализирал повеќе успешни деловни активности, но паралелно бил активно вклучен и во бројни културни, образовни и општествени проекти.
Бил уредник на едукативната радио програма на Радио Канал Б, основач на невладините организации „Калкан“ и „Призма“, посветени на културата, образованието и уметноста, како и фолклорист во културното друштво „Јени Хајат“.
Сулејмани бил координатор на повеќе меѓународни проекти, меѓу кои „Братството не избира граници“ во соработка со општина Бајрампаша од Истанбул и проектот „Ракотворби“ реализиран со општина Коња, Турција. Учествувал и на повеќе меѓународни обуки и конференции, меѓу кои програмата „Меѓународен дијалог“ во Стразбур и „Балканската меѓународна младинска конференција“.
Во 2020 година за првпат беше именуван за заменик-министер за култура, функција што ја извршуваше до 2021 година. Потоа, од 2023 до 2024 година работеше како советник за стручна административна поддршка во Општина Тетово.
Со формирањето на актуелната Влада повторно беше избран за заменик-министер за култура и туризам, а на таа функција остана од 2024 до 2026 година, по што денес и официјално беше назначен за министер.
Седат Сулејмани течно зборува албански, македонски и турски јазик.

